Палестинските лекари изјавија дека се повеќе стравуваат за животите на стотици пациенти и медицински персонал во Ал Шифа, најголемата болница во Газа, која е отсечена од секаков контакт со надворешниот свет повеќе од еден ден откако израелските сили упаднаа во болницата.
Досега, тие објавија фотографии од, како што велат, пушки и панцири пронајдени во болницата, но нема докази за огромниот подземен команден штаб на Хамас за кој велат дека функционирал во тунелите под болницата.
„Хјуман рајтс“ предупреди дека болниците имаат посебна заштита според меѓународното хуманитарно право.
-На лекарите, медицинските сестри, амбулантите и другиот болнички персонал мора да им се дозволи да ја вршат својата работа, а пациентите мора да бидат заштитени, изјави за „Ројтерс“ Луис Шарбоно, директор на ОН за „Хјуман рајтс“.
Во болницата нема вода, храна или млеко за бебињата
Министерството за здравство на Газа соопшти дека израелските војници ги извадиле телата на загинатите од болницата и ги уништиле автомобилите паркирани таму, но не дозволувале персоналот или пациентите да си заминат.
Портпаролот на Министерството, Ашраф ал-Кидра, рече дека нема вода, храна или млеко за бебиња во Ал Шифа, која е преполна со 650 пациенти и околу 7.000 луѓе раселени поради неколкунеделните израелски воздушни напади и бомбардирања.
- Медицински тимови, пациенти и луѓе кои ги загубија своите домови се борат за живот поради немањето на сите основни потреби. Окупаторските сили сега се присутни во комплексот, но не обезбедија гориво за продолжување на работата на болницата, изјави Ал-Кидра.