„Паразит“ ја фати Златната палма во Кан

177

Јужнокорејската драма на Џун-Хо Бонг која зборува за семејсвото Ки-тек во кое сите членови се невработени и чии животи се заплеткуваат со богатото и гламурозно семејство Парк е добитник на годинешната награда Златна палма за најдобар филм на 72. Кански филмски фестивал. За најдобар актер беше прогласен Антонио Бандерас за улогата во „Болка и слава“ на шпанскиот режисер Педро Алмодовар

Јужнокорејската драма „Паразит“ (Parasite) на Џун-Хо Бонг е добитник на годинешната награда Златна палма за најдобар филм на 72. Кански филмски фестивал. Филмот зборува за семејсвото Ки-тек во кое сите членови се невработени. Нивните животи се поврзуваат со богатото и гламурозно семејство Парк, сè додека не се случи неочекуван инцидент. Инаку, по ланскиот кански победник – „Крадци“ (Shoplifters) на јапонскиот режисер Хироказу Коре-еда, ова е втора година по ред да победува азиски филм.

„Гран при“ наградата од жирито, второто најзначајно признание го доби „Атлантик“ на Мати Диоп од Сенегал, првата режисерка од африканско потекло која се најде во трката за Златна палма.

Белгијците, браќата Жан-Пјер и Лик Дарден за филмот „Младиот Ахмед“, пак, ја добија наградата за најдобра режија.

За најдобар актер на 72. Кански фестивал беше прогласен Антонио Бандерас за улогата во „Болка и слава“ на шпанскиот режисер Педро Алмодовар. Бандерас, во својот говор наградата му ја посвети на Алмодовар. „Алмодовар е мој ментор, веќе 40 години сме пријатели… Во сценариото видов работи што не ги знаев за него. Тој многу искрено во филмот се соочуваше со себе“, рече актерот.

Наградата за најдобра женска улога ѝ припадна на актерката Емили Бичам за филмот „Мал Џо“ на Џесика Хауснер.

За наградите на овогодинешниот Кан одлучуваше жири на чело со мексиканскиот режисер и оскаровец, Алехандро Гонзалес Инјариту. Во жирито беа и американската актерка Ел Фенинг, францускиот автор на стрипови Енки Билал, режисерите од Грција, Франција и Полска, Јоргос Лантимос, Робин Компилјо и Павел Павликовски, како и Кели Рајхард, Маимоуна Н’Диаје и Алис Рорвахер.

Францускиот актер Ален Делон, претходно за време на фестивалот, ја прими наградата за животно дело на Канскиот филмски фестивал. Почесната Златна палма (Палм д’Ор), Делон ја заслужи со кариерата долга шест децении. Наградата му ја врачи ќерката Анушка Делон. „Едно нешто за коешто сум сигурен и на кое сум горд – е мојата кариера. И оваа награда која ми е доделена за животно дело, ме прави среќен, задоволен и исполнет“, рече Делон на врачувањето. Наградата му се додели за „фантастичната присутност во историјата на филмот“.

Меѓународниот филмски фестивал во Кан, што заврши вчеравечер, стартуваше на 14 мај, а го отвори филмот „Смртта не умира“ („The Dead Don’t Die“) на режисерот Џим Џармуш, кој во 1984 година ја доби Златната палма за филмот „Почудно од рајот”. Новиот филм на овој режисер исто така се натпреваруваше за Златната палма, заедно со уште дваесет филма. Меѓу нив беа Квентин Тарантино со „Беше еднаш во Холивуд“, Декстер Флечер со биографскиот филм за Елтон Џон „Рокетмен“, Теренс Малик со „Скриен живот“, Педро Алмодовар со „Болка и слава“, Кен Лоуч  со „Извинете што ве промашивме“, браќата Дарден со „Младиот Ахмед“, Ксавиер Долан со „Матијас и Максим“ и Корнелиу Порумбоју со „Свиркачите“.

Како дел од програмата Cannes Directors’ Fortnight 2019, Македонија во Кан се претстави со краткиот „The Sign“ на режисерката Елеонора Венинова. „The Sign“ е еден од петте краткометражни играни филмови снимени како дел од проектот Southeast European Factory во соработка помеѓу пет земји од регионот, меѓу кои е и Македонија.