Филипинскиот боксер Мани Пакијао (45) се уште има шанса да се врати во професионалниот ринг за уште една борба. Ова го изјави промоторот Шон Гибонс, нагласувајќи дека и покрај можното враќање, Филипинецот не планира да се откаже од политичката кариера.
„Тој ќе учествува на изборите за Сенатот од февруари до мај. Ако успееме да организираме борба пред 31 јануари, Мани ќе биде подготвен“, изјави Гибонс и додаде:
„Не знам што ќе се случи понатаму. Во случајот на Мани, може да продолжи да боксира дури и до 50-тите години“.
Пакијао оваа година планираше борба со шампионот на ВБЦ во полусредна категорија, Марио Бариос, но борбата беше одложена. Според Гибонс, таа борба останува можност следната година по завршувањето на изборите.
„Му кажав на Мани дека борбата со Бариос е совршена. Сè уште може да се одржи во јуни, јули или август – како последна голема борба“, додаде Гибонс.