Повеќе куќи во Галичник се оштетени по попладневниот земјотрес во 15.25 часот, со јачина од 4,9 степени, и со епицентар во мавровскиот регион.
„Ве информираме дека од земјотресот во 15.25 часот има настанато штета во одделни куќи во Галичник. Би било пожелно сопствениците на куќите да ја проверат состојбата на истите и доколку има настанато штета, штетата да се пријави на надлежните институции“, соопштија од Месната заедница Галичник.
Денеска овој регион го зафатија серија земјотреси со различен интензитет, а најсилниот беше утринава, нешто пред 5 часот, со јачина од 5 степени.
Во ова подрачје во текот на последните 12 часа се регистрирани и неколку земјотреси со послаб интензитет.