Откриено зошто ПСЖ се ослободува од Неимар

521

Продажбата на Неимар повеќе не е само шпекулација која доминира во фудбалските медиуми, туку е реалност и прашање на денови.

Тоа е така откако претседателот на ПСЖ, Насер Ал-Келаифи во големото интервју за Франс Фудбал јавно удри по Бразилецот и индиректно го обвини дека не го дава максимумот и нема желба да успее во дресот на „светците“. На тој начин Неимар стана непожелна личност во Париз.

Досега нема оправдано ниту половина од рекордните 222 мил. евра кои беа одвоени за неговото обесштетување, ниту пак 30 мил. евра кои ги добива како годишна плата.
Ал-Келаифи со месеци го бранеше Неимар од критичарите и постојано гарантираше и тоа со 2000% дека ќе остане во редовите на ПСЖ. Сепак, неколку месеци подоцна, Ал-Келаифи потврди дека нема повеќе трпение кога е во прашање Неимар. Во интервјуто за Франс Фудбал потврди дека ќе го продаде Бразилецот доколку добие неморална понуда, а најзаинтересирани се челниците на Барса кои понудија 100 мил. евра плус еден играч по избор.

Во најновиот број на Л’Екип е објавена кратка, но одлична, анализа на конфликтот помеѓу Неимар и клупските челници. Француските новинари одредија три клучни фактори кога е во прашање продажбата на Неимар.

МУ ДАДОА ПРСТ, А ТОЈ ЗЕМА ЦЕЛА РАКА
Ал-Келаифи директно и индиректно го нападна Неимар, но и сите играчи и тренери кои ги искористија во изминатиот период. Бразилецот совршено ја користеше благонаклонетоста која ја добиваше од сопственикот. Со цел да го задржат што е можно подолго, ПСЖ ги исполнуваше сите желби на Неимар. Доби дозвола да присуствува на роденденот на својата сестра во Бразил, доби дозвола да го посети и карневалот во Рио иако беше повреден. Доби дозвола да навива за сурферскиот тим на Бразил, а на неговиот роденден присуствуваше и самиот претседател. Францускиот весник тврди дека дел од стручниот тим има позитивно мислење околу залагањето на Неимар и се тврди дека имало и други фудбалери кои полошо се однесувале од Бразилецот кој е премногу експониран.

ЛОШ МАТЕРИЈАЛ
Во двете сезони кои ги одигра во дресот на ПСЖ, Неимар беше повреден најмалку три месеци и најчесто не беше во комбинација за најважните натпревари. Беше ангажиран за да ја направи потребната разлика во Лигата на шампиони, но не ги оправда големите очекувања. Два пати ги пропушти најважните натпревари поради повреда на десниот скочен зглоб, која повторно ја обнови пред еден месец и сериозно ги загрижи клупските доктори. Честите повреди на истото место сериозно го имаат ослабено зглобот на Неимар, кој беше сериозно оштетен пред стартот на СП 2018. Докторите на ПСЖ се во постојана војна со тие на бразилската репрезентација кои не прифаќаат никаква операција и предлагаат само терапија, додека тие на францускиот клуб се убедени дека повредата може да се санира само со операција. Нормално, Неимар секогаш ја прифаќа сугестијата на своите сонародници. Во Париз се убедени дека со тек на времето, Неимар ќе има сè почести проблеми со повредениот зглоб.

СВЕТЛОСНИОТ НАПРЕДОК НА МБАПЕ
Килиан Мбапе пристигна истото лето кога беше реализиран рекордниот трансфер на Неимар. Малиот напаѓач беше дефиниран како долгорочно решение, но никој не очекуваше дека ќе има таков напредок. Фантастичниот напаѓач одигра 180 натпревари на кои постигна 100 погодоци и почна да презема сè поголема и поголема одговорност. Мбапе одигра фантастично на СП 2018 и сега е лидер во соблекувалната. Преку ноќ стана тоа што требаше да биде Неимар, играч со став и карактер, кој може да биде клучен во најважните моменти. Истовремено, Неимар беше предмет на исмејување за време на СП 2018 поради постојаното тркалање по зелениот терен и глумењето некаква повреда. Тоа не им се допадна на раководните лица на ПСЖ. За време на интервјуто, Ал-Келаифи изјави дека само Мбапе не е за продажба и додаде дека не сака да загуби толку луд играч. Неимар и понатаму е најголема ѕвезда во соблекувалната, но на зелениот терен Мбапе е прво име кое докажува дека тимот одлично функционира и без Бразилецот. За разлика од Мбапе, кој е совршен во очите на јавноста, Неимар е актуелен и поради последното обвинување за силување. Сè тоа е премногу за катарските сопственици на ПСЖ, кои донесоа јасна одлука, Неимар може да биде продаден доколку има добра понуда.