Османи: Непотизам не е семејствата на владините функционери да останат дома

60

Антикорупциска да каже дали актуелните вработувања на роднините на владините функционери се партиски, дали тие не ги исполниле критериумите и не се регуларно примени на конкурс, наместо сите овие случаи да се генерализираат во јавноста и за нив да се зборува паушално, на прес-конфернции и дебати. Непотизам не е семејствата на функционерите да седат дома. Девијации има, тие треба да се констатираат, но не треба да има лов на вештерки, смета вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи.

Според него, ако Антикорупциската комисија каже дека со употреба на политичка моќ и врски е некој вработен, тогаш ќе има одговорност и ќе се повлечат сите.

-Ако е некој оштетен на конкурс, односно некој е вработен на несоодветно место, со користење политичка моќ и врски, избегнувајќи конкуренција, тоа е непотизам. Не очекувајте дека нашите семејства ќе чекаат да ги завршиме нашите политички кариери за да ги почнат своите. Не велам дека нема девијации, но порационално да гледаме, без субјективизми и емоции. Ако Антикорупциска каже дека преку политичка моќ и врски е некој ставен, да, тогаш ќе има одговорност и ќе се повлечат сите по сила на закон, не само поради етички кодекс. Непотизам значи злоупотреба на службена моќ за да вработите некој генетски близок што не ги исполнува критериумите, а не некој од семејството на функционерите. Сите функционери имаат сестри, браќа, само ја имам 100 братучеди, дали тоа значи дека сите тие додека трае мојот мандат не смеат да се вработуваат, нагласи вечерва Османи во интервју за „24 Анализа“.

На прашањето дали функциконерите на ДУИ ќе го испочитуваат повикот на премиерот Зоран Заев, Османи одговори дека е погрешен пристапот на повлекување роднини. Повтори дека доколку по инстититуционален пат се утврди дека некој ставил несоодветен човек на позиција само поради тоа што му е семејство, избегнувајќи конкурс, при што се оштетени други, ќе се реагира.

-Вие зборувате за впечатоци и перцепција, јас за суштина. Да, има повреди и проблеми, но тоа не се детекрира преку прес-конференции., Има Комисија која треба тоа да го утврди, повтори Османи.

На прашањето дали смета дека е морално баџанакот на собранискиот спикер Талат Џафери, Нури Бајрами, кој е заменик-претседател на ДКСК да дава мислење за непотизам во случајот со ќерката на Џафери, Бесија Џафери, која е вработена во ЕЛЕМ, Османи одговори дека изборот на оваа Антикорупциска е еден од најкреативните и кредибилни, додавајќи дека во него политичарите биле малцинство и имале најмало влијание.

-Брисел е многу чувствителен на непотизам и затоа инсистиравме на сите можни начини дури барајќи и морален аспект на проблемот за да излеземе чисти пред земјите-членки, кои треба да не оценат во јуни, рече Османи.