Османи: Да го прекинеме кругот во кој сме влезени со Бугарија и да се вратиме во нормален колосек

78

Очекував дека ваквиот циклус на отворање на клубови заради реакција кон другиот, а не за промовирање на сопствените вредности, нема да ги оствари целите што сакаме да ги постигнеме, а тоа е да ги промовираме на добрососедските односи, изјави денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи во одговор на прашање околу одлуката на бугарски суд за укинување на граѓанското здружение што го отвори Македонскиот културен клуб во Благоевград.

– Сметам дека треба да го прекинеме овој вициозен круг на односи во кој сме влезени, свесно или несвесно, или пак некој ни ја има преземено агендата со цел на дневно политичка основа да профитира некој политички поен или пак да ги наруши односите меѓу двете држави. Мислам дека треба да ги вратиме настаните во нормален колосек на односи, преку постојана комуникација и отворањето на културниот клуб во Благоевград кој го промовира Министерството за култура, односно Владата на Република Северна Македонија, додаде Османи на заедничката прес-конференција со неговиот казахстански колега Мухтар Тлеуберди.

Османи потенцира дека со Бугарија треба да трасираме пат кој е во духот на добрососедството и соработката и кој ги има предвид долгорочните интереси на заедниците и граѓаните на двете земји.

– Отворањето на бугарските клубови не беше во функција на промовирање на бугарската заедница. Истата оваа реакција во Благоевград, не спремена, не подготвена, финансирана од сомнителни извори ја квалификувам на истиот начин. И така се случуваат резултати, коишто после ќе создадат проблеми за тие луѓе кои се дел од тие клубови и веројатно ќе предизвика верижна реакција, таму и овде. Моја задача е да ги донесам односите во една нормална траекторија, да кажам стоп на политичките профитирања и на инструментализирање на правата на заедниците и на добрососедските односи. Убеден сум во оваа моја политика и знам дека само таа е во интерес на граѓаните, потенцира Османи.

Тој оцени дека со укинувањето на македонското здружение најоштетени ќе бидат граѓаните, односно Македонците во Бугарија.

– Сега нека излезат тие што отидоа да ги охрабрат и да ловат политички поени, да им објаснат на луѓето зошто им е укинато здружението. Затоа уште од почеток порачував дека тоа е погрешниот пат. Едно сомнително здружение од Канада баш да финансира во ова време организирање на клуб на Македонците како одговор на клубот во Охрид, не е начинот како да им се помогне на граѓаните, изјави шефот на дипломатијата.

Османи нагласи и дека ако не донесевме одлука за почеток на преговорите со ЕУ, односно ако не постигневме договор со Бугарија, сега ќе ги чекавме резултатите од формирањето на бугарските институции и ќе бевме во очекување кога таму ќе има одредена предвидливост за да може да се најде решение.

– Ние во моментов немаме отворен дијалог за проблемите со Бугарија, тука само во делот на имплементација на обврските. Ние го имплементираме нашиот дел од обврските, а Република Бугарија својот дел. Последно беше договорот со Фронтекс, што беше обврска на Република Бугарија преземена со Протоколот потпишан на 12 јули, истакна Османи.

Шефот на дипломатијата нагласи дека ја продолжува и комуникацијата со службената Влада на Бугарија, најавувајќи дека следната недела планира да отпатува во работна посета на Софија, каде покрај со владините, ќе се сретне и со претставници на политичките партии.

– Целта е да разговараме за сите аспекти, за да не се злоупотреби внатрешно поларизираната динамика во Република Бугарија за да се преземаат чекори кои може да не одведат во погрешен правец. Мислам дека сега е време да се воспостави таа комуникација и со политичките партии, додаде Османи.