Четири од пет девојки и жени што биле жртви на насилство преку Интернет не го пријавиле случајот во полиција, пишува во заклучокот од истражувањето на УНДП „Сузбивање на сексуално и родово-базирано насилство во дигиталната сфера“. Според истражувањето, главни причини за нивниот молк се неинформираноста за тоа како може да ги пријават вознемирувањето и следењето преку Интернет, но и довербата во институциите дека ќе им помогнат.
– Пријавив по електронски пат на црвеното копче на интернет-страницата на Министерството за внатрешни работи и прикачив соодветни докази. Таа пријава ја испратив преку е-порака до МВР и до Центарот за социјални работи, бидејќи стануваше збор за малолетни сторители и за малолетна жртва. Во повратната е-порака пишуваше дека ќе се откријат идентитетите на сите лица. Соработката меѓу Министерството и Центарот траеше подолго време, но на крајот се постигна задоволителен исход – го пренесува своето искуство девојка во анкетата, која одлучила да го пријави насилството.
Онлајн насилството како демнење, вознемирување, говор на омраза, споделување слики на Интернет без согласност, жртвите може да го пријават на интернет-адресата [email protected] . Од УНДП велат дека се потребни законски измени со цел да се препознаат сите форми на интернет-насилство, како и поефикасна соработка меѓу институциите.
Пред неколку дена, Основниот суд во Скопје ги прогласи за виновни и им изрече затворски казни на група од 13-мина обвинети за трговија со малолетничка, силување и детска порнографија. Еден од нив, преку Инстаграм, остварил комуникација со девојчето, доведувајќи го во заблуда дека ќе започнат љубовна врска. На првата средба бил направен порнографски материјал, кој потоа го користел како закана за да ја присили жртвата да доаѓа на други средби. Највисоката казна што ја изрече судот за изживувањето врз девојчето е пет и пол години. Малата казнивост во конкретниот случај наиде на критика кај невладините организации. Од Платформата за родова еднаквост велат дека „изречените затворски казни под законски утврдениот минимум за вакви сериозни дела од организираниот криминал ја минимизираат вистинската тежина на овие дела и со тоа ја амнестираат кривичната одговорност на сторителите. Ваквите ублажени казни, наместо да ги одвратат од сторување исти или слични дела, може да ги охрабрат мажите во иднина повторно да вршат вакви форми на родово базирано и сексуално насилство“. Од Платформата ја критикуваат изјавата на адвокатот на дел од осудените, Валентин Зафиров, кој во својата изјава го истакна минатото на девојчето, наратив што може да обесхрабри други жртви подложени на насилство да ја бараат правдата.
– Нејзиното минато и личните околности не смеат да се користат за оправдување или за намалување на злосторствата извршени против неа. Со ова се одвлекува фокусот дека злосторството започнува со заведување малолетно лице и дека наштетувањето на честа и на угледот на малолетното девојче е направено токму од страна на злосторниците, преку уцена и присилување, до полов напад, силување и трговија со дете – велат од Платформата и ги повикаа од Адвокатската комора да постапат согласно со нивниот кодекс.
Од Платформата за родова еднаквост бараат системски реформи заради построги казни за злосторствата против девојчиња и против жени. (П.А.)