EPA-EFE/CHRISTIAN BRUNA

Јамајчанецот Роже Стона (25) ги изненади сите со тоа што го освои златото во фрлање диск на олимписките игри во Париз, а само неколку месеци подоцна реши да го промени спортот, или барем само делумно да се пренасочи на друг спорт.

Тој се приклучи на програмата дизајнирана да ги тренира идните НФЛ играчи, а оваа вест ја потврдија и од Националната фудбалска лига на САД (НФЛ).

Стона направи сензација на Олимписките игри кога со фрлања од 70 метри и личен рекорд ги победи сите фаворити, меѓу кои и светскиот рекордер, Литванецот Миколас Алекна. Инаку, тренер на Стона му е актуелниот трикратен олимписки победник и светски рекордер во фрлање ѓуле, Американецот Рајан Крузер, па затоа, овој негов резултат и не беше неочекуван, и покрај силната конкуренција.

Откако Грин Беј Пекерс и Њу Орлеанс Сентс го поканија на нивните мини-кампови за дебитанти во мај оваа година, НФЛ објави дека тој ќе биде еден од 14. спортисти кои ќе учествуваат во драфт-програмата за играчи кои не се од САД или од Канада.

Станува збор за десетнеделна тренинг програма, која ќе започне во јануари на Флорида, а во март учесниците ќе имаат можност да се претстават пред скаутите на НФЛ. Откако ќе ја поминат 10-неделната програма, спортистите ќе можат да потпишат како слободни агенти или да бидат избрани од тимови на драфтот за НФЛ следната година.

Стона беше дел од неколку американски колеџ-тимови, каде што учествуваше во спортската програма на Арканзас Разорбекс и Клемсон Тајгерс, но не тренираше американски фудбал за време на студиите. Покрај олимпискиот шампион во фрлање диск, еден од поистакнатите учесници на НФЛ програмата за меѓународни спортисти во 2025 година ќе биде и австралискиот рагбист Џордан Петаја.

ИЗДВОЕНИ