Благодарение на одличните игри во изминатата сезона, Сергеј Милинковиќ-Савиќ, доби неколку примамливи понуди за време на летниот преоден рок, но првиот човек на римскиот калчолигаш Лацио, Клаудио Лотито не прифати продажба на српскиот интернационалец.
И покрај очајните партии кои ги прикажа за време на Мундијалот во Русија, како и на почетокот од новата сезона во Серија А, сопственикот на “светлосините”, не се откажува од намерата да заработи астрономска сума од продажбата на одличниот играч за врска.
При посетата на едно римско училиште, Лотито зборуваше за плановите и минатогодишен интерес на европските гиганти за Србинот.
- Сакаме да изградиме победнички тим и дополнително да го засилиме, а не да го ослабнеме. Ако имав поинаков начин на размислување, јас ќе го продадев Милинковиќ-Савиќ за 160 милиони евра, но јас не го сторив тоа. Не мислам дека некој друг газда во светскиот фудбал би го направил, она што го направив јас, изјави Лотито.