Од мај влез во ЕУ без печат, патниците сами ќе си ги скенираат пасошот, четири прсти и лицето

4284

Европската комисија предложи почеток на новиот европски дигитален граничен систем – систем за влез/излез (ЕЕС) и на земјите -членки им даде рок од шест месеци да го имплементираат.

ЕЕС беше најавен за 2020 година, но се одложи поради пандемијата, па требаше да профункционира од 5 ноември годинава, но повторно беше одложен поради неподготвеност на некои земји, вклучувајќи ги и најразвиените. Ако почне да функционира за шест месеци, како што бара ЕК, овој систем ќе влезе во примена практично заедно со новиот ЕТИАС систем на ЕУ, преку кој лицата кои не се од земји членки, а патуваат без виза, ќе аплицираат за влез во некоја од европските земји и притоа ќе плаќаат седум евра.

ЕЕС е најсовремен ИТ-систем, кој дигитално ќе снима влезови и излегувања од ЕУ, податоци за пасош, отпечатоци од прсти и слики од лица на луѓе од земји кои не се членки на ЕУ, кои патуваат на краток престој во земја на ЕУ и Шенген. Иако граѓаните од Балканот стравуваат од новините што ги воведува Унијата, од ЕК објаснуваат дека новиот систем ќе го олесни патувањето, ќе го модернизира управувањето со надворешните граници, ќе ја намали измамата со идентитетот и ќе ја зајакне безбедноста во Шенген зоната, соопшти Европската комисија. Исто така, преку ЕЕС ќе се овозможи автоматизација на граничните контроли, постепено забрзување на граничните процедури и корист за патниците.

-Тоа е основата на архитектурата за интероперабилност која им овозможува на сите гранични и безбедносни информациски системи да комуницираат заедно, истакна Комисијата.

Конкретно, системот ЕЕС подразбира биометриска контрола при влез во една од земјите на Европската Унија. Контролата се врши директно на граница со скенирање на патната исправа, четири прста и лицето. Нема повеќе печати во пасошите. Туристичките експерти објаснуваат дека на почетокот на примената се  очекуваат гужви на граничните премини, зашто се претпоставува дека повозрасните луѓе нема добро да се снајдат со поставените скенери. Ќе им треба помош, а со тоа ќе се троши драгоцено време на секое од организираните туристички патувања..

Со предлогот на ЕК за воведување на ЕЕС за шест месеци им се дава можност на членките постепено да ги искористуваат многуте предности и можности што ги има, истовремено давајќи им на граничните власти и транспортната индустрија повеќе време да се приспособат на новите процедури.

Извршниот потпретседател на Комисијата за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, истакна дека воведувањето на ЕЕС ќе биде клучно во напорите на ЕУ за подобрување на граничната безбедност.

-Ги охрабрувам пратениците брзо да се договорат за ова, рече таа.

Предлогот сега оди на одобрување во Европскиот парламент и Советот, по што ќе може да стапи на сила.

ИЗДВОЕНИ