Обновена фасадата на ОУ „Димитар Миладинов“ во Центар (Видео)

176

Основното училиште „Димитар Миладинов“ во општина Центар доби комплетно нов изглед. Обновата на фасадата и претстојната обнова на фасадната столарија е финансирана со средства од Амбасадата на Република Бугарија во висина од 130.000 евра и иста сума на средства што општината ги издвои од буџетот за оваа намена, информираат од општината.

На настанот присуствуваше Амбасадорот на Република Бугарија кој рече дека реконструкцијата на фасадата ќе ја зголеми енергетската ефикасност за 18,4 отсто, што претставува и начин за справување со загадувањето во Скопје. Притоа, како што наведе, новиот изглед на училиштето ќе придонесе кон разубавување на градот и на општината.

Од Општината соопштуваат дека фасадата на училиштето е со висока енергетска ефикасност, со што се обезбедува подобра топлотна изолација, заштеда на електричната енергија и намалување на сметките за струја до 30 отсто во зимските месеци. Досегашниот еднобоен изглед на фасадата е заменет со колоритни графити и мурали што ги изработија реномираните стрит арт уметници, Миро Грчев и Младен Трендевски, чии дела, од неодмна се дел и од галеријата на графти и мурали „Градот убав“ во Градскиот Трговски Центар.

– Направивме замена на постоечката со нова и енергетски ефикасна фасада. Годинава ќе следи и обнова на целата фасадна столарија, вратите и прозорците во училиштето. Со тоа ќе ја комплетираме реконструкцијата на едно од основните училишта со најдолга традиција на територијата на општина Центар, на кое, за прв пат од неговата изградба во 1954 година, се прават вакви интервенции. Новата фасада со својот колоритен и атипичен изглед, ќе го разубави централното градско подрачје и престојот на учениците, изјави градоначалникот на Општина Центар, Саша Богдановиќ.

Настанот се одбележа со пригодна приредба на учениците, а на Богдановиќ и Ангелов им беа доделени благодарници.

Целокупната реконструкција на фасадата траеше шест месеци. Градежните активности се одвиваа по стандарди за здравје и безбедност, во ниеден момент не ја попречија наставата во училиштето и завршија во предвидениот рок, се наведува во соопштението.

https://www.facebook.com/sasha.bogdanovikj/videos/152594502324372/