„Многу научници Климент го сметаат за еден од првите библиотекари во средниот век, па оттаму и поврзаноста на името на нашата институција со овој наш голем просветител. Ние како современа генерација на библиотечни работници чувствуваме должност и сме обврзани да ги чуваме вредностите кои нашиот патрон ги негувал и сето тоа да го правиме во согласност со Климентовото познато правило: „Или не поучувај или поучувај со својот живот. Инаку, со зборови ќе ги повикуваш, а со делата ќе ги бркаш“, рече директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски, на одбележувањето на патрониот празник

Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје е вградена во Македонија, и Македонија е вградена во НУБ. Таа е еден од темелите на македонската култура и државност, институција на културна меморија, еден од најзначајните простори за истражувачка и академска дејност, место кое ги спојува генерациите и различните културни идентитети во нашето општество. Со овие зборови денеска беше отворено одбележувањето на патрониот празник на НУБ „Св. Климент Охридски“ – 8 Декември. Годинава оваа институција, која е формирана на 23 ноември 1944 со одлука на АСНОМ, Денот на св. Климент Охридски и својот патронат го одбележа во знакот на 80-годишнината од основањето.

„Многу научници Климент го сметаат за еден од првите библиотекари во средниот век, па оттаму и поврзаноста на името на нашата институција со овој наш голем просветител. Ние како современа генерација на библиотечни работници чувствуваме должност и сме обврзани да ги чуваме вредностите кои нашиот патрон ги негувал и сето тоа да го правиме согласно Климентовото познато правило: “Или не поучувај, или поучувај со својот живот. Инаку, со зборовите ќе ги повикуваш, а со делата ќе ги бркаш“, рече директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, Јовица Никчевски, кој потсети дека Климент, еден од најистакнатите ученици на браќата Кирил и Методиј, е основач на Охридската книжевна школа позната како прв словенски универзитет.

Тој воедно најави дека наредната година ќе има целосна реконструкција на Библиотеката, и дека протекувањата во објектот ќе бидат минато.

„НУБ „Св. Климент Охридски“ да го донесеме на степен кој го заслужува – да биде национална библиотека кој постои речиси цел век“, додаде Никчевски.

Чествувањето беше збогатено со положување цвеќе пред споменикот на Св. Климент Охридски и настапот на хорот на епископското седиште „Свети Ѓорѓија“ од Скопје.

Во рамки на свеченоста беше промовирана и „Библиографија на изданијата на НУБ „Св. Климент Охридски“ од 1944 до 2024“, подготвена по повод 80-годишниот јубилеј на институцијата. Свеченоста заврши со доделување на традиционалните јубилејни награди за вработените во Библиотеката и за пензионираните работници во текот на 2024 година, а се одржа и 11. научна средба „Силината на словото на свети Климент и македонското историско, културно и духовно наследство“. Координатор и модератор на возобновената научна средба беше проф. д-р Митко Б. Панов, а со излагања учествуваа проф. д-р Елизабета Димитрова, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски, проф. д-р Емилија Црвенковска, проф. д-р Илија Велев и академик Ѓорѓи Поп Атанасов.

И Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, достојно го одбележа својот патронат. Свеченоста обедини два важни академски моменти со кои Универзитетот заокружува 100 години од основањето на најстарата единица, Научниот институт за тутун – Прилеп и 45 години од основањето на Универзитетот. Денот на св. Климент Охридски го одбележаа и повеќе институции во Македонија кои го носат неговото име.

Државната награда „Св. Климент Охридски“, на годинашните добитници, пак, ќе им биде врачена на 8 декември (недела), во 12 часот, во свечената сала на Собранието на Република Македонија. Наградата се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на Република Македонија. Во областа на воспитанието и образованието, наградата годинава ја доби проф. д-р Маја Бојаџиевска, универзитетски професор, а во областа на културата и уметноста –  Милован Стефановски, писател; Мирослав Масин, сликар и Рефет Абази, актер. Проф. д-р Павле Митрески, пак, е годинешен добитник на највисокото општинско признание наградата „Патрон на градот – Св. Климент Охридски“ за 2024 година. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ