Нема ценовен шок, на сметка за струја од 2.300 денари – зголемувањето ќе биде 21 денар

Цената на електричната енергија се зголемува од 0,68 до 2,24 отсто, во зависност од тоа за кој блок се работи. Како што пресмета Регулаторната комисија за енергетика ако сте имале сметка за струја од 2.300 денари таа ќе ви се зголеми само за 21 денар. Просечната цена на електричната енергија за домаќинствата се зголемува 0,92 отсто, притоа првиот блок за 0,68, вториот блок за 0,9 отсто, третиот блок за 1,93 отсто, четвртиот блок 2,24 отсто и евтината тарифа за 0,9 отсто

905

Цената на електричната енергија за домаќинствата од 1 јануари 2025 ќе се зголеми минимално за 0,92 отсто. Тоа значи дека ако едно просечно домаќинство кое плаќа струја од 2.300 денари, зголемувањето на сметката ќе биде само 21 денар. Како што изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски, го исполниле ветувањето зголемувањето на цената на струјата да не биде поголемо од 1 отсто и покрај тоа што ЕВХ Хоум побарале зголемување од 4,4 отсто.

-За првпат го искористиле контролниот механизам во определување на цената на електричната енергија со цел да не се предизвика голем ценовен шок оти ЕВН побара зголемување на цената за 4,4 процент. Како што ветивме, просечната цена на електричната енергија за домаќинствата се зголемува за 0,92 отсто. Првиот блок за 0,68 отсто, вториот блок за 0,9 отсто, третиот блок 1,93 отсто, четвртиот блок 2,24 отсто и евтината тарифа за 0,9 отсто. Тоа значи дека едно просечно домаќинство во државата што има сметка од, да речеме, 2300 денари, со зголемувањето на цената на електричната енергија трошокот за електрична енергија ќе му се зголеми за 21 денар, рече претседателот на РКЕ, Бислимоски.

Мрежарината за сите блокови е по цена од 2,14 денари за киловат-час. Во првиот блок новата цена е 4,44 денари и заедно со мрежарина  од 2,14 денари, изнесува 6,58 денари за киловат а претходно беше 6,53 денари. Во втор блок збирната цена на киловат-час е 7,71 денар, а претходно била 7,64 денари. Во трет блок-цената ќе биде 9,57 денари за разлика од досегашните 9,39 денари. Во најскапиот четврти блок новата цена е 20,4 денари, а претходно била 20 денари. И новата цена на евтината тарифа е 4,12 ден, а претходно 4,08 денари.

Бислимоски додаде дека со оваа одлука на РКЕ се враќаат и 65 милиони денари долг кон ЕВН, а ќе бидат вратени уште 135 милиони денари, но чекор по чекор за да нема никакво влијание врз крајните потрошувачи.

– Очекувам дека за максимум за 6-7 години тоа ќе го порамниме, имало и периоди од 2016,2017, 2018 кога од страна на ЕВН имало средства кои не им сме ги одзеле сите одеднаш. Целта на регулаторот е да не предизвика ценовни шокови – рече Бислимоски.

Со минатата одлука беше намалена мрежарината во делот на дистрибуција и практично тоа овозможи РКЕ да има покомотна позиција при носењето на одлуката за цената на струјата.

Претходно ЕСМ ја зголеми цената на струјата што му ја предава во 2025 на универзалниот снабдувач ЕВН Хоме од 60 евра на 62 евра за мегават-час. Сепак, останува прашањето како следната година ЕСМ со оваа цена ќе ги покрива огромните трошоци во своето работење.

(А.С.)

ИЗДВОЕНИ