Недела на македонски остварувања: Потрага по високата верност на македонскиот филм – во Софија

121

“Потрага по високата верност на македонскиот филм“ е насловот на ревијата на македонски остварувања која ќе се одржи од утре (21 јануари) до 27 јануари во киното “Одеон“ во Софија.

“Освен ветеранот Столе Попов со “Џипси Меџик“, останатите автори застапени во Неделата на македонскиот филм се дел од новата генерација филмски творци“, ќе истакне филмскиот критичар Стојан Синадинов.

Инаку, во рамки на оваа ревија пред бугарската публика ќе се претстават “Исцелител“ на Ѓорче Ставревски (21 јануари), осварување кое ги обиколи светските фестивали, а беше и македонски кандидат за Оскар за 2018 година, а потоа следува сторијата за социјалниот безнадеж на младата популација во Македонија со контроверзното злосторсто во позадината “Кога денот немаше име“ на Теона Стругар Митевска (22 јануари).

На 23 јануари проекција ќе имаат краткометражните филмови “Еклер“ на Марко Ѓоковиќ, “Долорес“ на Радован Петровиќ, “Види ја ти неа“ на Горан Столевски и “Децата ќе дојдат“ на Ана Јакимска, а на 24 јануари уште четири кратки македонски филмови ќе бидат претставени пред бугарската публика, и тоа: “Пепи и Муто“ на Георги Унковски, “Амби“ на Марија Апчевска, “Тие дојдоа од центарот на светот“ на Дина Дума и “Коливо“ на Андреј Волкашин.

По кратките, на 25 јануари ќе се прикаже “Враќање“ на Кастриот Абдули кој го сецира недоразбирањето со светот (Западот), а на 26 јануари “Џган“ на Вардан Тозија, со неговите „херои на улицата“.

Неделата на македонскиот филм во Софија завршува со “Џипси Меџик“ на Столе Попов (27 јануари) и циганската магија за преживување на било кој начин во овој суров свет што е луцидна досетка на луѓето од дното на општеството кои немаат што да изгубат…