Во резиденцијата на Амбасадата на Туркије во Скопје, вчера, по повод Неделата на турската кујна, манифестација што се реализира од 21 до 27 мај, г-ѓа Шејма Нур Улусој, сопруга на амбасадорот на Република Туркије – Н.Е. Фатих Улусој, организираше настан на кој беше претставена традиционалната турска кујна.

Годинава, манифестацијата се реализира со концептот „Средба на историјата, културата и природата: вкусови на егејскиот дел на турската кујна“.

– Турската кујна опфаќа широк дијапазон јадења, имаме многу традиционални јадења и специјалитети, но и многу од нив се заеднички со Македонија, како што се ќофтето, бурекот, сармата… – изјави сопругата на амбасадорот на Туркије, Шејма Нур Улусој, на отворањето на настанот.

На настанот беше приреден и еден мал натпревар меѓу гостите. Тие имаа задача да приготват сарми од лозов лист, едно од омилените јадења во турската кујна од егејскиот дел, кои беа оценети од стручно жири.

Во натпреварувачкиот дел учествуваа шест гостинки, меѓу нив и наши политичарки и сопруги на амбасадори

Беа бодрени од бројни гости.

Најбрза во виткањето сарми беше Жаклина Пешевска, а победник на овој кулинарски натпревар беше сопругата на амбасадорот на Кина во Македонија, Zuan Shung Jang.

Амбасадорот на Туркије, Фатих Улусој, им ги врачи признанијата на победничката и на сите учеснички.