Наставничката е крива за УЧК приредбата!

Утврдено е чија е одговорноста за контроверзниот музичко-театарски перформанс во училиштето во Челопек

477

Заврши вонредната контрола на Просветниот инспекторат во Основното училиште ,,7 март,, од Челопек, Општина Брвеница, поради контроверзната престава на ученици од пониските одделенија, облечени во униформи на УЧК, со пушки-играчки во рацете. Инспекторатот утврдил одговорност кај наставничката која го организирала музичко-театарскиот перформанс, соопшти министерката за образование Весна Јаневска и додаде дека известени биле директорот на училиштето и градоначалникот да постапат по согласно законот.

,, Во ова и во другите училишта каде што беа пријавени вакви настани, ќе спроведеме обука за соживот и муликултурализам, со престаници од ОБСЕ, изјави Јаневска. Преставата во училиштето била организирана по повод Денот на албанското знаме, но место почит кон национален симбол, се одвивала приредба со промашена тема. Министерката за образование, Јаневска, по повод настанот, претходно изјави дека доколку се утврди прекршување на Законот за основно образование, како и на принципите на демократија, соживот, емпатија и базични човекови вредности, кои треба да се промовираат во училиштата, ќе има санкции и за директорот и за наставниците, а не ја исклучи и можноста да пријават и во полиција доколку се утврди злоупотреба на правата на децата.

“ Кога ќе се појави во училиштето некаква приредба во која се промовира милитантизам со униформи на нерегуларна војска со амблеми и со играчки пушки и пиштоли, не укажува на овие вредности. Ако е прекршен Законот, следува санкција и за директорот и за наставниците што го направиле тоа – истакна министерката, посочувајќи дека е длaбоко разочарана и вознемирена од раководството на училиштето, кое дозволило да се организира ваква приредба. Рече дека ваквиот чин е педагошки неисправен, нечовечен и законски казнив. Според неа, не се виновни децата, туку родителите, кои гордо ракоплескале на изведбата на своите деца.

Во денешната изјава пак Јаневска со помек тон, повика на соживот и директорот да побара одговорност од учителката согласно законот.

Вонредната контрола во основното училиште „7 Март“ во Општина Брвеница се одвивала во присуство на полиција и на инспектори пред училишниот двор, а директорот на училиштето изјавил дека претставата е обична и нема тенденција за поделба или поттикнување меѓуетнички тензии.

,, Детска емисија, ништо повеќе, немаше политичка заднина, ниту, не дај Боже, пренесовме некаква порака за поделби или војна. Едноставно, тоа беше манифестација за децата да ги одбележат историските датуми на Албанците, кои се слават во сите училишта во албанските земји. Зборувам од перспектива на лидер на институцијата и тоа го кажувам многу правилно и со голема вредност за кохезијата во нашето училиште, како од родителите, вработените, учениците и целата заедница, дека односите се одлични, биле и ќе бидат во иднината. Во регионот сме пример за меѓуетничка кохезија – изјави во понеделникот Јасин Река, директор на ОУ „7 Март“ – Челопек, училиште кое според министерката Јаневска од претходни министри било наградувано со грантови за организирање на активности за развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција.

Инаку, училиштето ,,7 март,, во Челопек има долга мултиетничка традиција, според историјатот на интернет страницата на училиштето, основано е за време на турската империја, а во периодот на 2-та светска војна, настава се одвивала на македонски и албански јазик. Во училиштето се спроведува годишна програма за меѓуетничка интеграција, во која пак не е забележана приредбата по повод Денот на албанското знаме. Во програмата освен јакнењето на соживотот стои и дека ,,меѓуетничка интеграција многу е важна учениците да научат да комуницираат едни со други, запознавање со сличностите и почитување на разликите, размена на искуства, поддршка на понатамошната соработка меѓу наставниците, учениците и родителите.

Приредбата во која беа вклучени ученици облечени во воени униформи со пластични пушки во рацете го осудија од Првата детска амбасада Меѓаши.

,,Приредбите кои се изведуваат во училиштата не смеат да поттикнуваат насилство, идеолошки поделби, ниту да се користат воени симболи или реквизити кои можат да имаат негативно влијание на развојот на децата. Наставниците, како модели на однесување за децата, носат огромна одговорност за пораките што ги испраќаат. Организирањето приредби кои го глорифицираат оружјето ги индоктринираат децата и испраќаат порака дека тоа е нормално: да се носи оружје. Последиците од таквиот пристап во воспитно образовниот систем се јасни, тука нема место за разбирање, соработка, емпатија… Наместо тоа, наставниците треба да им објаснат на учениците за последиците од воените конфликти и значењето на мирот.,стои во реакцијата од Меѓаши. (П.А.)

 

 

 

 

ИЗДВОЕНИ