Надлежните не знаат кој стопанисува и наплаќа за паркирање без фискална на паркинзите на Бит-пазар!

240

Пазарната инспекција ќе провери кој стопанисува и наплаќа на паркинзите околу Поликлиниката „Бит-пазар“, на кои со години илјадници возила се паркираат, а фискални не се издаваат! Од Општина Чаир, на чие подрачје се наоѓаат паркинзите (со поставени рампи и куќарки и се наплатува, како на кој, 50 денари час за паркирање или 50 денари за цел ден), не знаат кој стопанисува со нив, но велат дека се на државно земјиште. На возачите кои ќе дојдат да се паркираат на некој од трите паркинзи, луѓето што работат таму веднаш им наоѓаат место, но наместо да им издадат фискална сметка за тоа, им пишуваат 50 денари на парагон-блокче или, пак, само им ги земаат парите. Се работи за голема сума пари која се врти секојдневно, со оглед дека овие паркинзи се секогаш пребукирани со возила. Каде одат парите?!

Пазарната инспекција ќе ги провери паркинзите околу поликлиниката „Бит-пазар“ на кои со години се паркираат возила, а не се издаваат фискални сметки. Од Општина Чаир, на чие подрачје се наоѓаат паркинзите, а на кои се поставени рампи и куќарки и се наплатува 50 денари за час паркирање или 50 денари за цел ден (како на кој), не знаат кој стопанисува со нив, но додаваат дека тие се на државно земјиште.

– Водејќи се од програмата за работа во областа на располагањето со градежно земјиште во сопственост на Република Северна Македонија на подрачјето на Општина Чаир за 2022 година, согласно со Генералниот урбанистички план на Град Скопје и Деталниот урбанистички план на Општина Чаир, во наведените парцели е предвидена изградба на катна гаража и зграда за користење на јавни институции. Согласно со правните норми и законските надлежности и ингеренции, на територијата на Град Скопје за стопанисување со јавните паркинзи и катните гаражи е надлежно јавното претпријатие „Градски паркинг“ – одговорија од Општина Чаир за весникот ВЕЧЕР, на нашето прашање кој стопанисува со паркинзите зад и околу Поликлиниката „Бит-пазар“ и каде одат парите со оглед дека не се издаваат фискални сметки. Побаравме одговор од повеќе надлежни институции, но тие ја префрлаа топката од еден на друг, а конкретен одговор нема.

На возачите кои ќе дојдат да се паркираат на некој од трите паркинзи, луѓето што работат таму веднаш им наоѓаат место, но место да им издадат фискална сметка за тоа, им пишуваат 50 денари на парагон-блокче или, пак, само им ги земаат парите.

Од Управата за јавни приходи велат дека се ненадлежни во конкретниот случај, но додаваат дека без разлика дали станува збор за јавни претпријатија за стопанисување со паркинзи или за приватни паркинзи кои вршат дејност на наплата, останува обврската за воведување фискален систем на опрема и издавање фискални сметки. При тоа, упатуваат на Државниот пазарен инспекторат.

– Управата за јавни приходи, како даночен орган, има надлежност кај регистрирани даночни обврзници кои вршат промет или даваат услуги со плаќање во готово да утврди дали издаваат фискални сметки. За нерегистрирано вршење дејност, надлежна институција, според Законот за забрана на вршење на нерегистрирана дејност, е Државниот пазарен инспекторат согласно со кој, при затекување на нерегистриран даночен обврзник, изрекува глоба и го задолжува да се регистрира во рок согласно со Законот – е одговорот од УЈП.

А од Државниот пазарен инспекторат, на којшто упатија од УЈП, изјавија дека ќе извршат контрола.

– Нашите инспектори ќе излезат на терен и ќе утврдиме за што се работи. Ќе се координириме и со останатите инспекторати за да се утврди кој точно стопанисува. Инаку, дозвола за користење на паркинзи издава Министерството за транспорт и врски. Наедно, и Инспекцискиот совет, исто така, може да организира координирана акција за да се открие за што, всушност, станува збор – ни изјави директорката на Државниот пазарен инспекторат, Анета Симеска-Димоска.

Од Министерството за транспорт и врски, пак, велат дека немаат врска со паркинзите и упатија одговорот да го бараме кај Град Скопје или кај Општина Чаир. И така во круг, како што, веројатно, се вртат и парите што се собираат од овие паркиралишта. За ненадлежни се огласија и од јавното претпријатие „Градски паркинг“, од каде што велат дека тие немаат врска со стопанисувањето со овие паркинзи.

(А.П.) – Фото: Н.Б.