На поштенските шалтери повторно ќе може се плаќаат сметки најрано од средината на октомври

Осумте банки кои изразија интерес да го вршат платниот промет во поштенските единици добија рок до крајот на овој месец да одговорат на писмото што го испрати Пошта до нив за условите што ги нудат. Потоа деталите ќе се договараат со секој од понудувачите посебно, па ќе се изврши изборот. Последниот збор го има Владата која е сопственик на државната пошта. По слободна проценка, ова би значело дека поштенските шалтери може да останат празни, а поштата да биде без дополнителниот приход што го имаше кога соработуваше со Еуростандард банка, најмалку до средината на наредниот месец.

491

На поштенските шалтери повторно ќе може се плаќаат сметки за комуналии, ќе се подига пензија, социјална помош и ќе се вршат други активности од платниот промет најрано дури од наредниот месец.

Повеќе од еден и пол месец откако се затвори Еуростандард банка, која имаше договор со Пошта да ги користи нејзините шалтери за платен промет, постапката за избор на друга банка која ќе соработува со пошта на тој начин сè уште не е завршена.

Како што е познато на повикот на Пошта се одѕваа осум банки кои изразија интерес да го вршат платниот промет во нејзините единици, а според најновите информации, тие добија рок до крајот на овој месец да одговорат на писмото што го испрати Пошта до нив за условите што ги нудат. Потоа деталите ќе се договараат со секој од понудувачите посебно, па ќе се изврши изборот. Последниот збор го има Владата, која е сопственик на државната пошта. По слободна проценка, ова би значело дека поштенските шалтери може да останат празни, а поштата да биде без дополнителниот приход што го имаше кога соработуваше со Еуростандард банка најмалку до средината на наредниот месец.

Кои се банките кои сакаат да работат на поштенските шалтери не се открива, единствено НЛБ Банка излезе со информација дека е заинтересирана за тоа.

Бидејќи на Пошта ѝ се брза, зашто освен што губи пари, без работа ѝ се и стотици вработени обучени за платен промет, како клучен услов се поставува банката што ќе се избере да има софтвер компатибилен со оној што го воспоставила Еуростандард банка во поштенските единици.

Платниот промет во Пошта прекина на 12 август, кога Народна банка ѝ ја одзема дозволата за работа на Еуростандард банка поради несолвентност. Веднаш потоа на прес конференција директорот на Пошта, Ејуп Рустеми, информира дека итно им е потребна друга банка која ќе ги користи шалтерите зашто во првите шест месеци од годинава приходот од услугите на платниот промет изнесувал 110 милиони денари, што е еднакво на 19,4 отсто од вкупните остварени приходи на Пошта, а од тие пари се обезбедувала плата за 560 вработени. Тој додаде и дека повеќе од 870 вработени во Пошта целосно или делумно извршувале работни обврски поврзани со платниот промет.

Реагираше и синдикатот кој информира дека стечајот на Еуростандард банка сериозно го нарушил работењето на Македонска пошта, која поради немањето платен промет на дневна основа генерира сериозни загуби.

Што побрзо склучување договор меѓу Пошта и некоја банка бараат и граѓаните, зашто повторното воспоставување на платниот промет на шалтерите на 330-те поштенски единици ќе ги проретчи долгите редици пред банките, особено во периодот кога се подига пензија, социјална помош, се делат домашни платежни картички и слично.

(С.В.)