Музичката кралица Виолета Томовска новогодишно со Дац и Александар во возобновената „Заиграј со мене ти“ 

4744

„Животот знаеш краток е, денес сме сите, утре не“, вака велат познатите Драган Спасов-Дац и Александар Митевски, кои деновиве, пред веселите новогодишни и божиќни празници, ја снимија преубавата македонска народна песна „Заиграј со мене ти“. И со кого ќе заиграат ако не со кралицата на таа македонска песна, со легендарната Виолета Томовска. Сите што учествуваа во проектот се фасцинирани од нејзината енергија, на моменти мислиш дека е некаде на почетокот од кариерата. Сè уште полна со многу ентузијазам за пеење, за смеење, за другарување. Вечната Виолета!

Долга е и успешна кариерата на Томовска. Песната „Македонско девојче“ стана светски евергрин и Виолета прва ја испеа како песна подарок од, исто така, легендарниот Јонче Христовски, за роденденот на Невенка Росоманова, ќерката на Томовска.

Сега сите тие тројца заедно претпразнично подготвија музичко уживање за вистинските љубители, едноставно кажано „срце да ви заигра“. И ќе ви се распее срцето, наздравувајќи со добро вино, бидејќи Виолета си е Виолета. На нејзината песна никој не останува рамнодушен.

А, песната „Заиграј со мене ти“ е напишана од маестро Милан Завков, маестрално отпеана од Виолета Томовска, која воедно е и автор на убавиот текст. Овој пат возобновена, а им се подарува на сите во Македонија, со честитки за новата 2025 година, со надеж дека ќе биде подобра од оваа веќе стара 2024  година.

Дац и Александар велат дека од поодамна посакуваа да ја вратат Виолета на естрадната сцената, бидејќи неправедно, по малку, е потисната од напливот на турбофолкот. Впрочем, се ближи нејзиниот 80-ти роденден, па со оваа нова верзија на омилената песна на некој начин се најавува нејзиниот солистички концерт, кој би требало да биде напролет, во Скопје. Да ѝ посакаме, а и вам, убави желби за здравје во текот на претстојните празници и многу љубов во новата 2025 година.  Д.М.

 

ИЗДВОЕНИ