Музејот во Велес доби 320.000 денари за годинашните проекти

215

Локалната установа Народен музеј-Велес за 2019 година во Министерството за култура конкурираше со 16 проекти, а доби само 320 илјади денари, за реализирање на четири проекти од кои два од музејската и два од ликовно-галериската дејност, за разлика од лани кога доби 540.000 денари.

Како што информира за МИА, Анита Василкова-Мидоска, директор на музејот, тие за годинава добиле средства за археолошко истражување на локалитетот Кале/Градиште, село Згрополци, спомен костурница на загинатите борци во Велес и Велешко во НОВ за каталог-водич, самостојна изложба на Новица Трајковски и самостојна изложба на Дејан Божиновски.

Василкова-Мидоска потенцира дека се назадоволни од ваквата одлука на Министерството за култура и смета дека е неправедно да се финансираат само два проекти по дејности на локалните музеи, особено заради природата и комплексноста на музејската дејност.

– Во локалните установи во земјава, работат квалитетни и успешни кадри што зад себе имаат богато стручно искуство и професионална биографија. Притоа, треба да се земе предвид, од една страна, дека законските регулативи што се применуваат за националните установи важат и за локалните установи. Од друга страна, на овој начин се поставува прашањето дали бројката од два проекти оди на штета на суштинската вредност и квалитет на секој поединечен проект сам по себе, истакна Василкова Мидоска.

Таа во иднина очекува отвореност за конструктивен дијалог и соработка од страна на Министерството за култура, што според неа би резултирало вреднувањето на проектите да се базира по квалитетот и успешност на апликацијата.