„Моја бесмртна љубов“ e насловен концертот кој оркестарот на Македонската филхармонија ќе се одржи на 5 декември, во 20 часот, каде како солистка ќе настапи виолончелистката Моника Лесковар од Хрватска, а диригент е Лубнан Балбаки од Либан.

На програмата се симфониската поема „Апотеоза“ од македонскиот композитор Михајло Николовски, Концерт за виолончело и оркестар во ха-мол од Антонин Дворжак и Симфонијата бр.3 од Лудвиг ван Бетовен.

Лубнан Балбаки е роден во 1981 во Бејрут и е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар. Паралелно со своите студии, учествувал и на повеќе мастер часови по оркестарско диригирање со познати европски диригенти како Курт Мазур, Колин Метерс, Конрад фон Абел и Кристијан Бадеа. Во 2013 е назначен за редовен диригент на Либанскиот филхармониски оркестар и го основал Националниот младински оркестар.

Хрватската виолончелистка Моника Лесковар (Кројцтал, Германија, 1981) како солистка настапувала со значајни оркестри, под диригентската палка на имиња како Валериј Гергиев, Томас Хенгелброк, Кшиштоф Пендерецки, а е и честа гостинка на престижни фестивали низ светот. Лесковар редовно настапува во камерни проекти, соработувајќи со интернационални уметници, вклучувајќи ги и Ивана Шварц Генда, Борис Березовски, Софија Губајдулина, Јуриј Башмет, Џулијан Рахлин, Стефан Миленковиќ, Миша Мајски, Итамар Голан, Гидон Кремер, Марио Брунело, Пати Смит, Јанин Јансен. Свири на виолончело изработено од италијанскиот мајстор Мантегаце од 1765, дадено на заем од Академијата „Кронберг“. Свири и на виолончело од неаполскиот мајстор Винченцо Постиљоне од 1884, кое ѝ било доверено на користење од Градот Загреб и Загрепската филхармонија.

ИЗДВОЕНИ