Македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Владо Јовановски, пак, е годинашен лауреат на наградата за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот „Мето Јовановски“, која годинава за првпат се доделува во рамките на третото издание на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“

 

Легендата на македонското глумиште, Мето Јовановски, доби монументален мурал во Скопје. Неговиот лик осамна на ѕидот на Кинотеката, пред која вчера беше претставена и единствената „Награда Мето Јовановски“ за извонредно актерско достигнување во уметноста на филмот, која се доделува за првпат, а годинашен лауреат е македонскиот театарски, филмски и телевизиски глумец Владо Јовановски. Признанието се доделува во рамките на третото издание на фестивалот на медитеранскиот и балканскиот филм „Преку езерото“, кој е и организатор на настанот, во соработка со Кинотеката на Македонија. Тие вчера, пред македонската јавност, ги презентираа поривите и мотивите за овие две посебни меморијални дела направени во чест на Мето Јовановски. Муралот во рамките на кој стојат и неговите зборови „Како да ти кажам?“ и „Од Бога добро“, е уметничко дело на авторите Евгенија Трајковска и Драган Илиќ.

– Да се стои под ликот на Мето Јовановски е чест, но и одговорност, затоа што, да бидеме искрени, среќа наша е што живеевме со најголемиот актер во историјата на македонската кинематографија. Човек кој не само што беше синоним за актерството и за филмот во Македонија туку беше и синоним за Македонија. Тие што го познаваа, може да кажат дека двете негови карактеристични реченици беа „Како да ти речем?“, и на прашањето: „Како си?“, секогаш одговараше: „Од Бога добро“ – изјави Јани Бојаџи, уметнички директор на фестивалот „Преку езерото“, во рамките на кој ќе се доделува и награда во чест на Мето Јовановски.

Претседателката на Советот на фестивалот „Преку езерото“, Мими Ѓоргоска-Илиевска, по повод претставувањето на наградата, посочи дека таа се доделува со цел да се направи значаен чекор како за македонската така и за европската и медитеранската кинематографија. Таа додаде дека првиот лауреат, Владо Јовановски, е уште еден доајен, исклучителен и препознатлив македонски филмски актер, кој остварил низа значајни улоги во македонската кинематографија и, исто како и Мето Јовановски, ја креира и ја создава богатата историја на македонската кинематографија.

Инаку, Мето Јовановски (1946 -2023) е театарски, филмски и телевизиски актер. Роден е на 17 јануари 1946 година, во селото Панчарево, Пехчевско. Во 1971 г. ја заврши Театарска академија во Софија и таа година се вработи во Драмскиот театар во Скопје. Неговата актерска кариера започна на сцената на Народниот театар во Штип, каде што настапуваше уште пред да се запише на студии. За многу кратко време, стана еден од водечките драмски уметници во земјава. Има остварено огромен број филмски улоги, а има играно во над 60 филма.

Познат е по улогата во „Најдолгиот пат“, „Среќна Нова ’49“, „Опстанок“, „Тетовирање“, „Ругање со Христос“, „Колнати сме, Ирина“, „Оловна бригада“, „Големата вода“, „Црвениот коњ“, „Деца на сонцето“… Бројни се и признанијата за неговите актерски остварувања. Тој е седум пати наградуван на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ во Прилеп, четири пати беше лауреат на наградата „Милтон Манаки“, добитник е на наградата на Град Скопје – „13 Ноември“, на републичката награда „11 Октомври“, на државната награда „Свети Климент Охридски“… Има добиено и „Златна маска“ од весникот ВЕЧЕР, за улогата на Порфирие во „Злосторство и казна“ („Охридско лето“), две гран-при награди на Филмскиот фестивал во Ниш, за остварувањата во филмовите „Среќна нова `49“ и „Тетовирање“, награда за најдобра машка улога за Момо во претставата „Комшилук наопаку“, на меѓународниот театарски фестивал „Маруличеви денови“ – Сплит, 2008… како и една од последните награди на фестивалот „Јоаким фест“, за претставата „My name is Goran Stefanovski“, 2022 г.

На годинашното трето издание на фестивалот „Преку езерото“, кое ќе се одржува во Дојран од 7 до 11 август, премиерно ќе биде прикажано последното филмско актерско остварување на Мето Јовановски, српскиот филм „Руски конзул“ во режија на Мирослав Лекиќ, во кој глуми заедно со Жарко Лаушевиќ. Исто така, сите пет филма што ќе бидат прикажани, меѓу кои и: „Сребрен бунт“ од Дан Шадур, Израел; „Хотел Пула“ од Андреј Коровљев, Хрватска; „Тишина 6-9“ од Христос Пасалис, Грција и „Заразени“ од Себастијан Ваничек, Франција, се македонски премиери. (Д.Т.)