Многумина со микроскоп ги бараа моите грешки, но навивачите секогаш ме поддржуваа

50

Хрватската ракометна репрезентација пренесе четири бода во главната фаза на Светското првенство во Данска и Германија. Избраниците на тренерот Лино Червар, во последниот натпревар од групната фаза во директен дуел за првото место во Б – групата го совладаа европскиот шампион Шпанија со 23:19

-Момците играа феноменално, гинеа еден за друг, се фрлаа на под и тоа не за пари, туку за својата земја. Горд сум на нив и им се воодушевувам. Многумина со микроскоп ги бараа моите грешки, но навивачите секогаш ме поддржуваа. Ме прашувате каков е сега планот? Планот сега е да испиеме по некое пиво, да си честитам и да прославиме, па потоа продолжуваме понатаму, рече Червар.

Хрватска е една од трите селекции кои имаат максимален учинок по петте одиграни натпревари. Покрај  Данска и Шведска, „каубојите“ оставија најсилен впечаток и конкурираат за место во полуфиналето следниот викенд.

Данска не оставија ништо на случајност и со фантастично издание го совладаа големиот ривал Норвешка со 30:26. За Норвешка ова беше прв пораз и во главната фаза патуваат со два бода обезбедени од победата над Тунис.

Светскиот шампион Франција потешко од очекуваното запиша нова мундијалска победа, откако во самиот финиш ја скрши Русија, која целиот напревар водеше, но на крај  загуби со 23:22. Ричарсон и Мем со по четири гола беа најресположени во победничкиот табор. Кај Русија се истакна Шкурински со четири гола.