Млекопроизводителите ќе добијат 140 милиони денари финансиска поддршка од Владата

107

Обезбедени се 140 милиони денари финансиска поддршка за млекопроизводителите по литар произведено кравјо, овчо и козјо млеко од 1 октомври 2021 до 30 септември 2022 година. Овие пари се обезбедени со ребаланс на буџетот, а сточарите ќе ги добијат преку Интервентниот фонд. Оваа мерка, која беше одобрена на вчерашната владина седница е надвор од субвенциите и од дополнителната поддршка, а целта е намалување на трошоците на млекопроизводителите поради зголемени трошоци за репроматеријали и сточна храна, информираше министерот за земјоделство, Љупчо Николовски.

-Наша цел е да го поттикнеме и помогнеме производството на храна намалувајќи ги трошоците на земјоделците. Даваме конкретна поддршка на земјоделците и секоја педа обработливо земјиште ја ставаме на располагање. Крајна цел е поголем домашен принос на стратешки култури и помала увозна зависност, изјави Николовски.

Тој информираше дека сите основни субвенции во сточарството се исплатени, оние што се по грло, а за предадено млеко се исплаќаат согласно утврдената динамика и доцнат само две фази, но тоа не се две години, туку неколкумесечен период. До 31 декември, како што рече се ќе биде исплатено за во новата 2023 година, првпат по 15 години, да влеземе без денар долг кон сточарите.

– Сега, со ребалансот на Буџетот, обезбедивме вкупно 2,7 милијарди денари за директни плаќања, за сите фази во земјоделството за кои државата должи, а целта е сите заостанати субвенции, особено кај сточарите, да бидат комплетно исплатени до 31 декември 2022. До 31 декември ќе ги исплатиме сите средства, и кон сточарите и кон сите останати производители и во 2023-година ќе влеземе без никакви долгови кои успеавме да ги изменаџираме, а ги наследивме од претходната власт. Точно е дека од основањето на Платежната агенција до денес најмногу се доцни со исплата на субвенции за сточарите. Ние сме постојано на нивна страна и на страната на производителите на млеко, но не сме институција која може да кажува колку ќе биде цената на млекото, ниту како држава сме единствените што сме погодени од кризата. Слушам паушални информации дека е намалено производството, а само четири проценти е намалено годинава во однос на лани, истакна министерот.

Николовски е сигурен, како што рече, дека мерките креирани со Интервентиот фонд и сите останати што беа преземени денес ги даваат резултатите во секој сектор.