Мицкоски-Курти: Доста Балканот ги полнеше црните хроники, време е за подобра економија

Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност и потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните, се согласиле премиерите на Македонија и на Косово, Христијан Мицкоски и Албин Курти на денешната зедничка меѓувладина седница што се одржа во Приштина. Двајцата премиери оценија дека средбата била искрена и исклучително продуктивна, и ја потенцираа важноста нба трите потпишани договори од областа на енергетиката, граничната и на економската област. Мицкоски и Курти дискутирале и за важноста на евроатлантските интеграции и европските вредности и стандарди. Новинарските прашања до двајцата премиери ги покренаа и политичките и етничките прашања. Теми беа Законот за употреба на јазиците, можни меѓуетнички конфликти, како и тоа до каде е постапката за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се доживотно осудени за случајот ,,Монструм” за петкратното убиство кај Смилковското езеро

60

Балканот предолго беше место кое интензивно ги полнеше црните хроники во европската и светската јавност и потроши време на политички прашања, занемарувајќи ги прашањата од реалниот живот на граѓаните, се согласиле премиерите на Македонија и на Косово, Христијан Мицкоски и Албин Курти на денешната зедничка меѓувладина седница што се одржа во Приштина. Двајцата премиери оценија дека средбата била искрена и исклучително продуктивна, и ја потенцираа важноста нба трите потпишани договори од областа на енергетиката, граничната и на економската област. Мицкоски и Курти дискутирале и за важноста на евроатлантските интеграции и европските вредности и стандарди.

-Убедени сме дека иднината на Западен Балкан е во Европската Унија и НАТО, и дека преку заеднички напори можеме да ги надминеме предизвиците и обезбедиме просперитет и стабилност за нашите граѓани.  И граѓаните на Приштина и граѓаните на Скопје или било кои други места од двете држави ги интересира подобар живот, подобар стандард, повисоки критериуми за образование. Да ги потенцираме точките кои нè обединуваат и за кои вреди заеднички да работиме. Време е да ги решаваме економските прашања. Оваа средба е токму од таква природа. Тука сме за подобар живот. Токму тоа беше нашиот мотив да ги потпишавме меморандумите и протоколите. Време е да разговараме за иднина, наместо за минато. Граѓаните имаат заеднички проблеми, затоа ќе носиме и заеднички решенија. Имаме заеднички вредности кои ги споделуваме и градиме отворени односи со соседите, истакна македонскиопт премиер Мицкоски на заедничката прес-конференција.

-Нашата заедничка задача за трговската размена да ја зголемиме над половина милијарда евра. Заеднички да настапуваме на трети пазари. И Косово и Македонија не излегуваат на море, но сме природна раскрсница на два важни европски коридори, Коридотор 8 и Коридотор 10. Оваа наша географска предност е предност и за Косово бидејќи ние сме соседи и придобвките можат да се почувствуваат и тука, рече Мицкоски.

Косовскиот премиер, Албин Курти, рече дека добрите односи меѓу Скопје и Приштина  се рефлектираат и во растот во трговската размена која во последните пет години пораснала за извонредни 52 проценти. Курти истакна дека двете земји досега потпишале над 50 договори и меморандуми кои презицно се спроведуваат. Тој ја потенцираше и важноста од изградбата на автопатот од Блаце до Скопје.

-Добрите односи меѓу нашите две земји се рефлектираат и во континуираниот пораст на трговската размена, која во 2023 година достигна над 432 милиони евра, што е извонреден пораст од 52 отсто во однос на 2019 година, кога изнесуваше 284 милиони евра. Зголемена е и комерцијалната размена во смисла на извоз од Косово во Северна Македонија, од 44 милиони во првата година пред пандемијата 2019 година на 121 милион во последната 2023 година, што е зголемување за 175 отсто. Го поздравуваме конечното завршување на изградбата на автопатот од Блаца до Скопје, преостанатите 10 километри кои би ја поврзале автопатската мрежа во МВ со автопатот Арбен Џафери на Косово и заедно се обврзуваме на имплементација на тунелот што ги поврзува Призрен со Тетово, оваа заложба веќе ја добија и другите две земји, рече Курти.

Етнички теми отвараат политичари без идеи  

Новинарските прашања до двајцата премиери ги покренаа и политичките и етничките прашања. Теми беа Законот за употреба на јазиците, можни меѓуетнички конфликти, како и тоа до каде е постапката за екстрадиција на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се доживотно осудени за случајот ,,Монструм” за петкратното убиство кај Смилковското езеро.

Македонскиот премиер Мицкоски рече дека етнички теми отвараат политичари кои немаат идеи за реалните проблеми и потреби на граѓаните и преку политички егзибиционизам се обидуваат да привлечат публика. Неговиот косовски колега, Курти кусо одговори дека не верува дека меѓуетничките разлики создаваат конфликти.

Во однос на законот за употреба на јазиците и дали косовскиот премиер реагирал кај Мицкоски за зачувување на албанскиот јазик, Курти потенцираше дека во Македонија никогаш немало закон за албанскиот јазик, туку закон за употреба на јазиците.

-Ова е прашање на Уставниот суд, бидејќи три одредби од законот се доставени до Венецијанската комисија и тие, парадоксално, не се никогаш применети во минатото. Нема во Северна Македонија закон за употреба на албанскиот јазик и немало ни во минатото, постои закон за употреба на јазиците кој ја истакнува бројката од 20 проценти. Тоа не е закон за албанскиот јазик, туку закон за употреба на јазиците. Треба сите да ја почекаме одлуката на Уставнииот суд. Во Косово, на пример, иако Албанци се над 90 отсто, 4 проценти се Срби, сепак српскиот јазик е службен. Ние сакаме добрососедски односи, но тие во Северна Македонија, имаат органи кои ги носат одлуките, истакна Курти во одговор на новинарско прашање.

По новинарски коментар за негово влијание врз уставните судии, македонскиот премиер потенцираше дека судиите кои во овој момент се дел од Уставниот суд се избрани во време кога мнозинство во македонското Собрание имаа ДУИ и СДСМ.

-Тие судии кои во моментот се дел од Уставниот суд кај нас, се, без исклучок, избани од ДУИ и СДСМ. Не знам од каде впечатокот дека ние имаме влијание, но треба да знаат вашите гледачи дека од првиот до последниот судија во уставниот суд се избрани во македонското Собрание додека ДУИ и СДСМ беа мнозинство. Сите политичари од минатото, кои се темни сенки на минатото, бидејќи не можете да ги слушнете да зборуваат за предлози, единствена карта врз која што тие ја темелеа нивната политичка кариера беа криминал и корупција и етнички конфликти. Ние ќе ја тргнеме таа магла и ќе гледаме кон иднината. Ние како владина коалиција имаме речиси двотретинско мнозинство, силен легитимитет од гласачите и така и функционираме. За пет месеци постигнавме што некои други претходни Влади не ни можеле да замислат, истакна Мицкоски.

Да им се даде време на министрите да ја решат екстрадицијата за Монструм

Запрашан до каде е екстрадицијата на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се доживотно осудени за случајот ,,Монструм” за петкратното убиство кај Смилковското езеро, косовскиот премиер Курти рече дека ова е прашање за судовите и обвинителствата на двете земји и дека побара да им се даде уште малку време на министрите за правда да го решат ова прашање.

-На денешниот состанок беа и министрите за правда. Тие не не имаат нас премиерите како посредници, туку комуницираат меѓусебно директно. Ова наследено старо прашање налага законски, судски третман, за што нашите министри даваат максимум да го решат. Да им дадеме уште малку време да го решат и да се погрижат за проблемот, изјави косовскиот премиер.

Мицкоски, пак, запрашан дали се на сила потерниците за борците на ОВК, рече дека ние сме мултикулурно и мултиетничко општество и секој што не ги повредил законите и Уставот на Македонија, нема конфликт, може слободно да си дојде, да прошета и да ужива во убавините на неговата татковина.

Ахмети со повик до Курти да не молчи за Албанците во Македонија

Во пресрет на состанокот на двете влади, лидертот на ДУИ, Али Ахмети, во интервју за Косова прес, ја повика Владата на Косово да не молчи за Албанците во Македонија и да разговара со македонскиот премиер за проблемите на тамошните Албанци. Претходно Ахмети преку писма реагираше до високи меѓународни претставници, до САД, ЕУ и НАТО, но и до премиерот Христијан Мицкоски. Во тие писма, претседателот на Интегративците ја изрази „својата длабока загриженост за најновите политички и уставни случувања“ во Македонија и побара заштита на Охридскиот договор.

Од Вреди, пак, порачаа дека промената дошла и дека се зајакнуваат врските на Македонија со Косово.

-Промената на власта е сведок на промена на постапувањето. Владата на Северна Македонија историски има добри односи со Република Косово. Но, одвреме-навреме, како резултат на албанската партија, ДУИ, како узурпатор на власта, билатералните односи беа “влошени“, бидејќи Али Ахмети играше со двојни стандарди, одеше на гости во Косово, а во Скопје се претвораше во ревносен домаќин за претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Со доаѓањето на ВЛЕН во владата на РСМ, односите меѓу двете држави само се продлабочија и соработката се зголеми. Кога со земјата управуваат вистинските луѓе, не недостасуваат правилни одлуки. Оттука, одлуката на Владата на Северна Македонија да ја одржи првата меѓувладина средба во Приштина е една од најдобрите одлуки што докажува дека нашата земја е заинтересирана и вложи напори за градење на односи на задоволително ниво со соседите кои не опкружуваат, соопштија од Вреди, потенцирајќи ја важноста од потпипшувањето на трите договори.

Потпишани три договори

Владите на Македонија и на Косово вчера имаа заедничка седница во Приштина, по што беа потпишани билатерални договори и меморандуми за соработка во повеќе области. По официјалниот пречек, се одржа тет-а-тет средба на двајцата премиери.

Првиот документ што беше потпишан е всушност меморандум за соработка во областа на енергетиката, рударството и минералните суровини, со којшто ќе се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Косово-Македонија.

Вториот е Информација за склучување на протокол за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување и начинот на одржување на објектите.

Третиот потпишан документ е Меморандум за разбирање и соработка меѓу македонското министерство за образование и наука и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово.

Членовите на македонската влада, предводена од премиерот Мицкоски во Приштина беа пречекани со највисоки почести. (В.С.Н.)

 Стоилковиќ гореше од желба да дојде во Косово

Вицепремиерот Стоилковиќ гореше од желба да биде присутен, но ја преместивме седницата од петок за понеделник и затоа поради обврски не е тука, рече прмеиерот Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање во Приштина која е причината за отстуството на вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ од македонската владина делегација.

-Членот на Владата, господинот Иван Стоилковиќ гореше од желба да биде денеска овде во Приштина, но бидејќи ние ја поместивме владината седница – требаше да биде во петокот, а денеска е понеделник – поради оправдани обврски не е денеска тука. Но затоа, заменик-министерот Неждет Мустафа е тука и навистина имаше една прецизна и јасна дискусија со неговиот хомолог од косовската влада, рече Мицкоски.

Во потпрашање дали Стоилковиќ навистина горел од желба да присуствува на меѓувладината седница, со оглед на неговите ставови кон Косоово и дали му е прдочено дека Косово е Косово, Мицкоски рече дека Македонија меѓу првите во светот се изјаснила во однос на Косово.

-Мислам дека ние како држава и како Влада многу одамна сме кажале што е Косово, меѓу првите во светот. Не треба да дозволиме таа тема некој да ја злоупотребува. Ние меѓу првите како македонска влада кажавме кој е нашиот став поврзан со Косово како држава и сите овие настати се јасна порака за тоа. Ако континуирано некој се обидува ова да го повторуваме мислам дека ќе ја изгубиме суштината. Мислам дека сè она што се случува денеска тука и претходно во Скопје на самиот почеток на независноста на Косово, што го направи македонската влада меѓу првите во светот е јасен параметар и показател кој е нашиот став, истакна Мицкоски.

Економска соработка над половина милијарда евра

На меѓувладината седница во Приштина, премиерот Христијан Мицкоски истакна дека следната година очекува економската соработка меѓу двете земји да достигне половина милијарда евра. Мицкоски рече дека и потпишувањето на вчерашните договори, кои се од областа на енергетиката, граничната и на економската област, се во таа насока.

– Следната година, економската соработка ќе биде над половина милијарда евра, вклучително и трговската размена меѓу нашите две земји. Во следните години, ќе работиме во насока на тоа економската соработка да биде уште поголема, бидејќи тоа ќе донесе придобивки за двете земји. Ќе бидам среќен доколку за неколку недели од денеска имаме еден граничен премин, каде што граѓаните ќе застануваат на еден премин, а не на два. На овој начин, нема да има метеж на границата и ќе се забрза трансферот на граѓаните – рече вчера Мицкоски, објави државната Радио- телевизија на Косово.

Косовскиот премиер, Албин Курти, ја истакна важноста на добрососедството и на целосното спроведување во практика на секој договор што ќе биде потпишан. Тој рече дека оваа средба доаѓа и во чест на 15-годишнината од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете земји. Додаде дека досега се потпишани повеќе од 50 договори и меморандуми, потенцирајќи го нивното целосно и прецизно спроведување.

– Република Косово и Република Северна Македонија немаат несогласување. Имаме отворена комуникација и опсежна соработка. Ние сме соседи, пријатели и партнери поврзани не само преку трговијата туку и преку врските меѓу нашите семејства и бизниси, кои стануваат сè посилни и посилни. Денеска ќе го унапредиме овој напредок со потпишување два меморандума и протокол во важни области како што се енергетиката, образованието и олеснувањето на слободното движење – потенцира Курти.

Курти го потенцираше договорот за заеднички гранични премини како главна тема на состанокот на двете влади.

– Почнувајќи од јануари 2025 година, на двата гранични пункта Блаце – Елез Хан и Јажинце –Глобочица ќе се имплементира моделот за еден граничен премин, каде што полицајците од двете земји ќе работат во една зграда. Оваа соработка ќе го намали времето на чекање на граница и ќе го олесни движењето на граѓаните – рече Курти, додавајќи дека во граничната инфраструктура треба да се заврши и изградбата на преостанатите десет километри од автопатот Блаце до Скопје, како и изградбата на тунелот што го поврзува Призрен со Тетово. Курти потенцираше и дека извозот од Косово во Македонија е зголемен од 44 милиони во 2019 година на 121 милион евра минатата 2023 година.

 

ИЗДВОЕНИ