Иднината на Македонија е навистина светла и САД ќе останат со вас, за да ги исполните вашите цели, за просперитетна демократија, целосно интегрирана во ЕУ, порача вчера заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф, по средбата со македонскиот премиер Христијан Мицкоски. Касаноф рече дека САД ја гледаат искреноста на македонските власти, не само во она што кажуваат, туку и она што го прават во однос на евроинтеграциите.
-Чест е да се биде денес во Скопје и да се сретнам со Вас, премиеере Мицкоски, за да го потврдиме силното партнерство. Нашите разговори беа продуктивни и опсежни. Ја потврдивме поддршката на САД за аспирациите за целосна евроатлантска интеграција. Ги препознаваме предизвиците со кои се соочивте за да станете членка на НАТО и од вас се бара уште за да влезете во ЕУ. САД стојат цврсто зад Северна Македонија, изјави американскиот дипломат.
Запрашан дали треба да очекуваме промена на американската политика со промена на администрацијата во САД, Касаноф рече дека е несоодветно тој да коментира за новата администрација во САД, но изрази уверување дека во преостанатите месеци, до крајот на администрацијата на Бајден, ќе продолжат да ги поддржуваат реформите во земјава.
Во однос на роширувањето на т.н. црна листа, тој истакна дека поддршката за борба против корупција, во САД ја сфаќаат многу серизоно.
-Имаме неколку програми за борба против корупцијата. За црната листа не можам да коментирам за детали, но можам да ве уверам дека тоа е наш приоритет и е нешто на што работиме.
Премиерот Христијан Мицкоски истакна дека европските интеграции остануваат наш врвен стратешки приоритет и дека Владата работи на реформите кои ќе обезбедат владеење на прво, транспарентност и ефикасност на инсититциите.
–Веруваме дека соработката со САД ќе продолжи да игра значајна улога во подобрување на нашите резултати. САД отсекогаш биле наши блиски сојузници и пријатели. Како што тоа беше случај претходно, и денес во услови на променета геополитика остануваме да бидеме сојузник и партнер на САД. Ова партнерство е втемелено на заедничко почитување. Да ја продлабочуваме нашата соработка и да обезбедиме дека придобивките од нашето партнерство ќе го почувствуваат сите, рече премиерот Мицкоски.