Иако со денови повторуваше дека сака да ја промени клупската средина и на тој начин предизвика невиден „земјотрес“ на „Ноу Камп“, најдобриот фудбалер на денешницата, Лионел Меси, после неколку недели ја спушти топката и стави крај на војната со раководните лица на каталонскиот гигант Барселона.
Аргентинскиот интернационалец сакаше да стави крај на 20-годишната авантура во дресот на Барса поради конфликтот со клупскиот претседател Жозеп Марија Бартомеу, но во последното интервју кое го даде за каталонскиот весник „Спорт“, Меси изјави дека тоа го направил само затоа што сакал Барселона да биде уште посилна.
- По толку многу пишувања, би сакал да ставам крај на сето ова. Сите навивачи на Барселона мора да се обединат и да веруваат дека најдоброто допрва доаѓа. Јас сум одговорен за моите грешки, но ако тие беа направени од моја страна, тоа беше само со цел да се направи клубот подобар и посилен. Денес, комбинацијата на страст и ентузијазам е единствениот начин да се постигнат целите, обединети и секогаш движејќи се во иста насока. Сакав да апелирам до сите навивачи и луѓе кои ја следат Барселона. Ако во одреден момент нешто што реков или направив можеби ги навреди, тогаш не двоумете се, јас секогаш го правев тоа, мислејќи само за доброто за клубот, изјави Меси.
Каталонскиот клуб летово беше подготвен да го пушти Лео да замине само за сумата од 700 милиони евра, додека Аргентинецот бараше трансфер како слободен фудбалер, па потоа реши најмалку уште една сезона да остане на „Ноу Камп“.