Со проекција на македонскиот игран филм „Убиј ги прво децата“ на режисерот Димитар Оровчанец, а чиј кинематографер е Владимир Самоиловски, вечерва во Битола се затвора 45. ИФФК „Браќа Манаки“.
Учеството на фестивалот за кинематограферот Самоиловски е значајно, а снимањето на филмот претставувало предизвик, истакна тој на прес конференцијата во Битола.
-Драго ми е што младата генерација сака да соработува со мене како кинематографер и тоа ми претставува голема сатисфакција. Од младите научив за прецизност и брзина на работа за што во овој филм ми помогна Димитар Оровчанец. А, за тоа што сум кинематографер, најголемата среќа е што мојот татко беше снимател кого го гледав како работи. Се сеќавам, за време на земјотресот во 1963 година кога имав само 10 години, јас му асистирав на мојот татко да ги сними рушевините на Скопје. Поминаа времиња… многу одамна снимав филм и со два режисери, а најновиот филм со Оровчанец за мене беше нов предизвик и драго ми е што успеавме бидејќи има многу, многу сцени што ги снимавме, изјави Самоиловски.
„Убиј ги прво децата“ е комична приказна за тинејџерка балерина. Филмот е наменет за млади.
-Сценариото за филмот беше напишано многу брзо, а конкурирањето траеше долги години. Процесот потоа се одвиваше динамично, знаев што сакам од овој филм и тоа го постигнавме во комуникација со сите учесници, односно актерите и продуцентите, додаде режисерот Димитар Оровчанец.
На прес конференцијата во Битола импресиите од учеството во филмот ги споделија и актерките, актерите и продуцентите во „Убиј ги прво децата“.