Македонската ракометна репрезентација ќе ја пречека селекцијата на Грција во салата „Парк“ во Струмица, во рамки на последното коло од квалификациите за пласман на Европското првенство во 2020 година.

Иако беше најавувано дека планот е по слабата организација на дуелот со Турција во Битола, преостанатите домашни средби да се играат во Скопје, сепак челниците на Ракометната федерација на Македонија го променија ставот и решија дуелот со јужниот сосед да биде одигран во Струмица.

Инаку, првиот меч меѓу овие две селекции беше одигран во Кожани, каде Македонија неочекувано претрпе пораз. Сепак, трите освоени бода во двомечот со Исланд ја врати нашата национална селекција на првото место во групата, па сега за да се задржат на врвот избраниците на селекторот Брестовац ќе треба да слават во двете последни средби, прво на гостувањето во Турција, а потоа и на домашен терен против Грција.