Без разлика на резултатот од пoследното коло во квалификациите за ЕП против Грција (натпревар кој ќе се одигра денеска во Струмица), македонската ракометна репрезентација се пласираше на континенталниот собир наредната година во Австрија, Норвешка и Шведска.

Избраниците на селекторот Данило Брестовац настапот на ЕП го заверија со тешката победа над Турција, на гостински терен (26:25). Со оваа победа го обезбедија петтото учество на едно Европско првенство, а со победа во последното коло над Грција ќе се заковаат на првата позиција на табелата во квалификациската група, што воедно им носи подобра позиција при ждрепката за групите.

За Македонија ова е петти настап на едно Европско првенство, а најдобриот резултат го остварија во Србија во 2012 година кога го освоија петтото место.

  • Две победи и едно реми на првите три средби од квалификациите со кои обезбедено учество на ЕВРО 2020, а воедно и постепено внесувавме помлади ракометари во репрезентацијата. Она што мене особено ме радува е што остваруваме резултати и во ситуација кога не играме најдобро. Најважно од се е е да се поседува победнички карактер, да се најде начин да се победи и кога се имаат проблеми. Тоа е одлика на големите репрезентации, а го покажуваме и ние, не само на мечот со Турција, туку и на претходниот дуел со Исланд, истакна Брестовац.

Македонија на последните три првенства имаше значително послаб резултат, во Хрватска минатата година беше единаесетта, претходно во Полска го освои истото место, додека во Данска во 2014 година беше едно место подобро пласирана. На првиот настап на ЕП во 1998 година во Италија, „црвено–жолтите“ завршија на последното место.