Во рамките на „Месецот на Пучини“, на 16 ноември, со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и балет, ќе се изведе операта „Мадам Батерфлај“ од Џакомо Пучини. Диригент на претставата е гостинот од Грција, Мирон Михајлидис, режијата е на Александар Текелиев од Бугарија, сценографијата на Живојин Трајановиќ, костимографијата на Лира Грабул, концерт-мајстор е Климент Тодороски, а хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска, Ѓургица Дашиќ.
Во насловната улога ќе настапи гостинката од Јапонија, Хироко Морита, во улогата на Пинкертон ќе настапи, Ѓорѓи Цуцковски, во улогата на Шарплес, Флорин Естефан од Романија, а во останатите улоги ќе настапат: Марика Поповиќ, Дејан Стоев, Невен Силјановски, Јане Дунимаглоски, Соња Пендовска-Мадевска, Валентина Димитриевска, Олег Цуцковски, Никола Стојчески, Марко Гапо, Александар Тарабунов, Огнен Здравковски во придружба на хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
„Ако не сум трогнат, ако либретото не ми го допре срцето…тогаш тоа не е за мене“ – Пучини точно знаел што бара во едно оперско либрето, а фактот што приказната за деликатната јапонска „пеперутка“ длабоко го трогнала се огледува во секоја нота од партитурата на неговата славна опера.
Инаку, ноември во НOБ е посветен на италијанскиот композитор Џакомо Пучини (22 декември 1858 – 29 ноември 1924) при што со четири опери се одбележуваат 100 години од смртта на безвремениот оперски мајстор. Притоа на 8 ноември беше изведена операта „Боеми“, а следуваат и „Тоска“ на 23 ноември и „Турандот“ на 29 ноември. На 19 ноември, пак, од 20 часот во фоајето на НОБ ќе се одржи ексклузивен гала настан „Жените на Пучини“, при што публиката ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии на Пучини. Во исто време во фоајето е поставена изложба од богатата архива на НОБ, насловена како „Пучини низ историјата на МОБ“.