Левица: Шахпаска се прогласи за ненадлежна за проблемот на стечајците

41

Поранешните работници од АД „Треска“ бараат да им бидат исплатени заостанатите плати и придонеси, кои што вкупно изнесуваат околу 3 милиони евра, а министерката на труд и социјална политика Јагода Шахпаска се прогласува за ненадлежна, иако МТСП е надлежно, информираат од партијата Левица.

Од Левица, посочуваат дека вчера пред просториите на Министерството за труд и социјална политика стечајците од АД „Треска“, кои повеќе од 15 години се дел од правните лавиринти, одржале протест, по што биле повикани претставници на разговор со министерката Шахпаска, на кој присуствувал и членот на Централниот Комитет на партијата, Бобан Кочовски.

– На оваа средба министерката се прогласи за ненадлежна, иако МТСП е надлежно за донесување на закони со кои што можат материјално да се обезбедат сите стечајци во Република Македонија. Во обид министерката да издејствува позитивен исход во нејзина полза се обиде да им понуди социјална помош на дел од овие луѓе, но не сакаше да посочи кога истите ќе ја добијат! На овие понуди од министерката, претставниците на работниците реагираа бурно при што ѝ укажаа дека тие имаат конкретни побарувања кои што самите ги сработиле со сопствениот труд и не бараат ништо што тие го немаат заслужено, се вели во соопштението од Левица.

По завршувањето на оваа расправа, членот на Левица, Кочовски, се вели во соопштението од партијата, ѝ предложил на министерката Шахпаска да се донесе Закон за материјално обезбедување на стечајците, со што стечајци на ниво на цела држава, ќе ги добијат своите заостанати плати и придонеси.

На овој предлог министерката реагираше негативно и го одби истиот, со образложение дека не може да се донесе таков закон и започна со промоција на сработеното во време на владеење на СДС и (според неа) добрите политики водени од оваа власт. Сосема на крај, министерката констатираше дека правдата треба да ја побараат во Министерството за финансии или во Владата на Република Македонија, нешто што најавија дека ќе го сторат при наредниот организиран протест и ќе побараат средба со ресорните министри со цел што поскоро да се реши нивниот проблем, информираат од Левица.

Од Левица, посочуваат дека ќе продолжи да ги подржува овие работници преку директно присуство на нивните протести, медиумска подршка, како и соработка со правни тимови кои што можат да им помогнат при водењето на нивните судски постапки.