Министрите за правда на двете влади се во директен редовен контакт и тие соработуваат во врска со македонското барање за испорака на Африм Исмаиловиќ и Алил Демири, кои се обвинети во случајот „Монструм“, изјави денеска косовскиот премиер Албин Курти на заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев, по заедничката меѓувладина седница во Скопје. Додаде дека неговата Влада од минатото наследила „трагични случаи и тешки предмети, кои имале засебни и тешки процеси“.
„Заедно со премиерот Заев разговаравме дека имаме потреба, не само за поддршка, туку и за меѓународна помош, како би имало правда за двете земји, но и за жртвите, како правдата би дошла до крај и се најде вистината“ – изјави Курти.
На првата македонско-косовска меѓувладина седница беа потпишани вкупно 11 договори, меморандуми и програми, кои опфаќаат и соработка во меѓугранични проекти преку ИПА програмата на ЕУ, соработка на полето на енергетиката, иновациите и технолошкиот развој, културата и туризмот. Оваа заедничка седница, посочи премиерот Заев, е исклучително позитивен импулс за натамошниот развој и интензивирање на нашите односи и севкупна соработка.
„Таа е јасен израз на нашата политичка волја и на интересот на двете земји дополнително да ги засилиме и продлабочиме билатералните односи и соработката во сите области од заемен интерес. Денеска имавме убав и плоден ден. Нашите резултати се од интерес на граѓаните на двете држави и верувам дека во наредниот период, министрите и сите институции ќе бидат посветени на имплементација на задачите кои ги поставуваме денеска. Очекувам тоа да даде импулс и за развој на соработката и во многу други полиња во иднина“ – изјави Заев.
Во прв план, истакна Заев, ги ставивме договорите и меморандумите за инфраструктурно поврзување на нашите две земји.
„Во пакетот потпишани договори се најдоа договорот за спојување на двата автопати во Граничниот премин Блаце, во рамки на изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце, договорот за студија за патот Призрен-Тетово, договорот за воспоставување заеднички гранични премини, како и договорот за заеднички скијачки проект, што ќе ја поврзува Брезовица и Попова Шапка“ – дополни Заев.
За нашата држава Косово е еден од најзначајните трговски партнери, посочи Заев, каде трговската размена се одвива слободно без царини, согласно ЦЕФТА договорот и Договорот за економска соработка.
„Во оваа размена остваруваме значаен суфицит во наша полза, со што Косово е еден од главните извозни партнери за нашата економија. Вкупната трговска размена во 2020 година изнесувала 305,7 милиони долари, а само во првиот квартал оваа година трговската размена е 130,2 милиони долари и очекуваме годинава да поминеме 400 милиони долари севкупна трговска размена меѓу двете земји“ – изјави Заев.
Косовскиот премиер Албин Курти, оцени дека состанокот меѓу двете влади е еден историски момент, за соработка меѓу Македонија и Косово.
„Македонија оваа година слави 30 години независност, Косово 13 години независност и ова е првиот состанок меѓу нашите влади за да се интензивираат и прошири соработката на повеќе полиња” – рече Курти.
(И.С.)