Во пресрет на акцијата „Новогодишна кошничка“, најавена за 15. месецов, пазарните инспектори ги следат сегашните цени на производите што се содржани во акциската листа, заедно со најниските цени на истоимените производи што биле применувани во последните 30 дена. Со акцијата, се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти. И инспекторите од АХВ почнаа со спроведување засилени, вонредни контроли кај операторите со храна, а акцентот е ставен на новогодишните пакетчиња.
-Како одговорна институција за безбедноста на храната, заштита на здравјето на граѓаните и нивните права како потрошувачи, АХВ апелира до операторите со храна да бидат одговорни и да не се обидуваат да манипулираат со потрошувачите, особено со новогодишните пакетчиња, во збирното пакување, подметнувајќи и небезбедни производи, најчесто со поминат рок на употреба. За ваквите недоследности, граѓаните веќе алармираат до Агенцијата.
Целта на мониторингот од Државниот пазарен инспекторат е да се утврди дали, по почетокот на акцијата „Новогодишна кошничка“ ,трговците ќе се придржуваат кон дадената иницијатива од нивна страна, за акциско намалување на цените за 10 отсто или повеќе на прехранбени производи што најмногу се продаваат во текот на новогодишните празници.
Акцијата ќе се спроведува заклучно со 15 јануари 2025 година. Во овој период, Пазарниот инспекторат најави дека ќе биде со засилени контроли на терен и дека ќе постапува во согласност со своите надлежности. Граѓаните може да пријават неправилности на бесплатниот телефонски број 191 или на веб-страницата на ДПИ www.dpi.gov.mk, на која е достапна и листата со производи.
Од Владата викендот соопштија дека новогодишната потрошувачка кошничка со намалени цени од најмалку 10 проценти се проширува и опфаќа над 700 прехранбени производи, понудени од над 100 компании и производители и дистрибутери.
Во новогодишната потрошувачка кошничка листа спаѓаат леб и житарици, пекарски производи, месо и преработки од месо, риба, млеко и млечни производи, кондиторски производи, свежо, замрзнато и конзервирано овошје и зеленчук, безалкохолни (газирани и негазирани) напитоци, алкохолни пијалаци (вино и пиво) и друго.
Производите на листата кои ќе бидат понудени на полиците во трговските ланци ќе бидат обележани со налепница и лого „Помалку трошоци, повеќе за тебе“, како дел од кампањата на Владата.
Во меѓувреме статистиката регистрираше зголемувањето на трошоците на животот во групата храна и безалкохолни пијалаци во ноември во однос на октомври годинава за 2,1 процент.