Колку се почитуваат протоколите, засега заразени 0,2% од учениците: Царовска инсистира за ученици во клупа, правобранителот бара пократки часови!

92

Од вкупно 240 илјади ученици, кои се со физичко присуство, во моментов во државата, активни случаи на ковид од почетокот на учебната година се 0,2 проценти. Во текот на вчерашниот ден дијагностицирани се нови 0,02 проценти ученици позитивни на ковид, изјави денес министерката за образование и наука, Мила Царовска. Таа не ја соопшти точната бројката на ученици позитивни на ковид, и покрај тоа што секојдневно од страна на училиштата до МОН се праќаат извештаи во однос на новозаболени ученици од основните и средните училишта.

Посочи дека обврската е континуирано да се почитуваат протоколите, за училиштата да останат безбедни и да продолжат со физичко присуство. Во однос на тоа дали постои трансмисија на вирусот во училиштата, Царовска рече дека не може да коментира дали понатаму ќе има трансмисија. „Сите ние сме сведоци на континуирана трансмисија во целиот конктекст во којшто ние живееме во општеството. Училиштата не се надвор од нашето општество ниту надвор од нашите локални заедници. Наша обврска е да  ги почитуваме протоколите доследно и да правиме сè училиштата да останат безбедни и да продолжат со физичко присуство“, рече таа.

Повторно напомена дека доколку се појави каква и да е потреба или аларм од епидемиолошката служба или од Комисијата за заразни болести, Министерството е подготвено директно да се префрли на следен модел кој ќе биде препорачан, а трите модели се донесени и утврдени на Влада во соработка со Комисија за заразни болести.

Прашана колку ученици во моментов се во изолација министерката посочи дека како министер не е надлежна да зборува за бројка на изолирани. „МОН не издава решенија за изолација. Токму затоа јас како министер не можам да комуницирам бројка на изолирани. Можам да кажам дека во основно образование процентот на ученици кои се со онлајн учење е 2 проценти од различни причини, медицински и немедицински, додека во средно образование, затоа што знаете дека четири општини одеа со онлајн учење во првата недела, сега и втората недела во Тетово и Гостивар останува со онлајн учење, токму затоа имаме околу 7 проценти ученици во средно образование“, рече Царовска.

Таа потсети дека средношколците од Струга и Кичево се вратија со физичко присуство, и тие се во континуитет со наставата, а за Гостивар и Тетово кога ќе се донесе одлука ќе се информира и јавноста.

Додаде и дека досега од епидемиолошката служба не е известена за локална трансмисија. „Нема интерна трансмисија, има изолација на ученици во поголем број, што е одлука на епидемиолозите и сметам дека така треба да остане. Тие некаде проценуваат дека треба да изолираат 5-6 деца, некаде проценуваат дека треба да изолираат цел клас и јас ги почитувам нивните одлуки“, рече Царовска.

Таа уште еднаш напомена дека сите училишта имаат обврска да обезбедат онлајн учење за учениците кои имаат одобрение од училиштето, а за сите оние кои се во изолација и треба да следат онлајн настава, треба истото да им се овозможи. „Доколку нема можност за такво нешто, тогаш се доставуваат материјали. Но, прв начин на одговор во време на изолација или ковид кај ученик, училиштето има обврска да обезбеди онлајн учење и тоа го повторувам кај сите директори во континуитет“, појасни Царовска.

Инаку, ситуацијата во дел од училиштата, како велат родители и наставници, е дека ако во еден клас или одделение има болно дете од ковид, само 2-3 деца одат во изолација, другите не, иако по 8 часа биле во иста просторија. Тие велат и дека има случаи кога родителите се позитивни на ковид, а детето доаѓа на настава, или пак, едно од децата во семејството е позитивно, а другото оди на настава. Прашуваат дали има и кој е задолжен за проверка на пропишаните мерки во училиштата, бидејќи сметаат дека протоколите не се почитуваат во целост.

И Народниот правобранител отвори предмет по сопствена иницијатива со цел следење на остварувањето на правото на образование на децата, како и мерките и активностите кои ги преземаат надлежните органи за непречено остварување на ова право во услови на пандемија од Ковид 19 и испрати допис до министерството за образование и наука. Во нивниот допис се вели дека со почетокот на учебната 2021/2022 година кај Народниот правобранител зачестиле јавувањата и поплаките од ученици и родители кои се во врска со начинот на реализација на воспитно-образовниот процес во основните и средните училишта, укажувајќи на неможност да се почитуваат односно спроведуваат во целост Протоколите.

Во однос на времетраењето на часовите со физичко присуство, пак, Народниот правобранител укажува да се разгледа можноста истите да се реализираат во пократок временски период, за сметка на одморите помеѓу часовите кои треба да бидат зачестени и со зголемено времетраење. (Н.И.Т.)