„Нешто напишано“, романот на Емануеле Треви успешно ја истражува улогата на литературата и уметноста како средства за уништување на воспоставените општествени клишеа.

Особено се интриганти пасажите во кои се тематизира прашањето за насилството и сексуалноста во творештвото на Пазолини и, воопшто, во современата култура. Дејството се случува во Рим, на почетокот од деведесеттите години на минатиот век. Млад писател, инкарнација на самиот автор, се вработува во Фондот Пјер Паоло Пазолини, каде што се запознава со раководителката на фондот, Лаура Бети, конфликтна постара жена опседната со тоа да ги навредува и понижува своите вработени.

Приказната на младиот и циничен наратор се меша со приказната за делото на Пазолини, особено за неговата недовршена книга Петролеј. Во книгата умешно се комбинираат фикцијата, документарното истражување и мемоарската проза. „Нешто напишано“ е роман за сладокусци во литературата и добитник на Европската награда за литература за 2012.