По декларативната поддршка за евроинтеграциите на Македонија од страна на бугарскиот премиер Бојко Борисов во телефонскиот разговор со неговиот македонски колега Зоран Заев, вицепремиерот и министер за одбрана на Бугарија, Красимир Каракачанов повторно со потврда на ставовите дека Македонија треба да го почитува Договорот за добрососедство ако сака да започне преговори за членство со ЕУ. Во пресрет на претстојниот самит на Европската Унија, што ќе се одржи на 10 октомври во Софија, а на кој тема ќе бидат новите членства, Каракачанов порача дека Европската Унија треба да се прошири кон Западен Балкан, но не безусловно. Каракачанов рече дека Брисел не врши притисок врз Бугарија за нејзиниот став кон Македонија.
-Постојат неколку земји во Европа кои се обидуваат да ја истуркаат својата политика. Тие сметаат дека Бугарија не треба да ги наведува своите услови и дека Бугарија нема право на барања кон Северна Македонија. Не е мал бројот на земји кои се категорично против влезот на Северна Македонија во Европската Унија, па дури и на Албанија, рече Каракачанов за бугарската телевизија „Канал 3“.
Според него, бугарската влада не треба да го загрозува своето достоинство и рамковната позиција усвоена од парламентот минатата есен.
– Во меѓувреме, тие треба да научат дека треба да ги почитува договорите што ги потпишува (Договорот за пријателство и соработка меѓу Бугарија и Северна Македонија, потпишан во 2017 година). Договорите се потпишуваат со цел да бидат почитувани, а не да се имитира нивното спроведување и да се живее во надеж дека некој друг ќе изврши поголем притисок врз Бугарија, за таа да се откаже. Меѓу другото, нема големи и мали во Европската Унија, гласот на Луксембург е еднаков на гласот на Франција и Германија, затоа гласот и мислењето на Бугарија се еднакви на сите други членки, изјави Каракачанов.
Премиерот Заев, пак, изјави дека историјата е многу важна и за двете страни, но тоа мора да биде појдовна основа за градење на иднината. Тој верува дека како што беше постигнат договор за добрососедство и за пет историски лика, ќе постигнеме договор и за Гоце Делчев, но не треба ниту една страна да се труди да си присвои нешто. Во интервјуто за Канал 5 телевизија, Заев рече дека прашањето за Гоце Делчев е прашање на мешовитата Комисија, а не на политиката.
– Сакаме Комисијата како што ги реши и Свети Кирил и Методиј, и Свети Наум, и Климент Охридски и Цар Самоил во духот на таа заедничка историја, за заедничко славење, верувам дека ќе го најдат решението и за Гоце Делчев. Наше е да ги охрабриме. Борисов е мој личен пријател и со сите договори во изминатите години само го јакнеме тоа пријателство.
Заев потенцираше дека е важно што Бугарија со Договорот зеде обврска да нè поддржува во нашите европски и евроатлантски интеграции.
– Договорот со Бугарија многу јасно предвидува градење на единство, на добрососедство и на пријателство. Договорот е двонасочна улица и двете страни имаат обврска. Нашиот исчекор беше прифаќањето на заедничка историја, исчекорот на Бугарија беше двата народи и македонскиот и бугарскиот народ и е потпишана на македонски и на бугарски јазик, изјави Заев.