Oткако Веселин Марешки, потпретседател на бугарското собрание и лидер на политичката партија Волја, коалициски партнер на премиерот Бојко Борисов, изјави дека единствениот пат за земјава е обединување со Бугарија, му одговори професорката Тања Каракамишева.

Таа вели дека културна асимилација е кога еден заедница/ колективитет се интегрира во друга мнозинска група и ги стекнува нејзините карактеристики, јазик, обичаи, историја.

„На овој начин, заедницата што и се придружува на другата заедница завршува со губење на своите обележја и специфичности. На здравје!”, пишува Каракамишева.

Од Бугарија ќе зависи дали Македонија ќе ги почне преговорите со Европската Унија.

Изминатиот период, бугарската страна бараше нашава земја да признае дека македонскиот јазик и народ имаат бугарски корени.

Бугарски политичар излезе со став дека Македонија треба да се обедини со Бугарија.

„На ова безумие треба да се стави точка. Ние сме еден народ, со општо минато. Ако го отстраниме влијанието на една или друга голема држава, ако гледаме само и единствено на интересите на граѓаните, обединувањето е логичниот пат. Така ќе престанат сите шпекулации за историјата и нема да бидат пречки за иднината. А нашите браќа автоматски ќе станат европски граѓани“, вели Марешки.

Бугарската влада го утврди официјалниот став за преговарачките рамки за пристапување на Македонија и на Албанија во ЕУ, што треба да бидат разгледани на состанокот на Советот за општи работи на 17 ноември.