Кандидатот за градоначалник на Струмица од СДСМ Костадин Костадинов денеска на прес-конференција го претстави проектот за изградба на адреналински парк и реконструкција на трим патеката до Парк шумата „Свети Илија“.
-Во соработка со стручни лица, преку изведба на точна проектна програма, доминантен проект со капитална вредност наменет за спорт и рекреација е изградбата на адреналински парк. На локацијата Чамчифлик, на површина од 6.000 метри квадратни планираме да конструираме реквизити од природни материјали наменети за рекреативци со екстремен спортски дух. Секако, согласно концептот, адреналинскиот парк ќе овозможи користење на реквизитите на деца граѓани кои ќе имаат желба исклучиво за рекреација, рече Костадинов.
Додаде дека Струмица е град на спортисти, рекреативци. Покрај големиот број на игралишта, фудбалски терени, спортската сала, стадионот, сепак струмичани најчесто одбираат да рекреираат во природа и тоа токму на најпознатата трим патека до Свети Илија.
-Нудиме реконструкција, збогатувајќи ја со спортски содржини и урбана опрема.Спортот и рекреацијата е најдобар начин за поврзување на луѓето и природата. Уживање во сите благодети кои ги нуди нашиот Парк шума Свети Илија, како и местото викано Чамчефлик. Затоа ќе се потрудиме да го заживееме просторот, да ги вратат спомените и да доживуваат нови моменти, истакна Костадинов.
Подвлече дека сето тоа ќе се реализира со изградба на пикник зона со летниковци и простори за дружење и одмор, а неговата програма третира капитални проекти со кои се трудат да овозможат за жителите на Струмица услови за здрав и живот, исполнет со спорт и рекреација.