Истражи ја чаршијата на мобилен со Скопје Гемс

Апликацијата содржи видео и аудио содржини, фотографии и текстови достапни на 10 јазици. Корисниците може да изберат седум тури и повеќе од 80 локации од нивен интерес со што чаршијата стана достапна за повеќе луѓе

196

Мобилната апликација Скопје – Гемс ќе им го олесни истражување на знаменитостите во Старата скопска чаршија на домашните, посебно на странските туристи. Преку оваа апликација што беше промовирана во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите на Македонија, на посетителите им се нудат седум туристички рути низ чаршијата и водич до врата на сопствениците на продавниците со стари занаети, вкусна храна, како и до музеите, религиските обележја и историските места во стариот град.

Мишо Докмановиќ, претседател на Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ) истакна дека со апликацијата се овозможува мапирање на локации и развој на тури за туристите.

– Таа содржи видео и аудио содржини, фотографии и текстови достапни на 10 јазици. Корисниците може да изберат седум тури и повеќе од 80 локации од нивен интерес со што чаршијата ја направивме достапна за повеќе луѓе. Нашата чаршија сè уште е домаќин на некои од старите традиционални занаети, како што се капи, папучи и правење свеќи, ковач и резба. Се надеваме дека ќе ги зачуваме овие занаети така што ќе ги претвориме во туристичка атракција што ќе создаде долготрајни спомени за нашите посетители – изјави Докмановиќ.

Апликацијата е бесплатна преку „Ап стор“ и „Плеј стор“ и ќе биде широко промовирана почнувајќи од скопскиот аеродром преку хотели, туристички инфоцентар, агенции, барови и ресторани, како и преку интернет и преку социјални медиуми. Скопје Гемс беше подготвена во рамки на проектот „Скриените богатства на Старата скопска чаршија“.Целта е да се придонесе за растот и конкуренцијата на шест економии од Западниот Балкан преку поддршка за развој и промоција на заедничка регионална, културна и алтернативна туристичка понуда.

(С.Бл.)