ИНТЕРВЈУ СО МАКСИМ ДИМИТРИЕВСКИ: СДСМ не е вистинската власт, туку е приврзок на ДУИ, овој Илинден го дочекуваме понижени!

3262

Со своите ставови, определба, јасна политичка бриткост, кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски е функционер кој се издвојува од класичниот стереотип политичари. За себе вели дека е класичен социјалдемократ со видици и ставови многу пошироки од актуелното раководство на СДСМ. Во празничното интервју за весникот ВЕЧЕР вели: „Во СДСМ владее една мала политичка елита, која е базирана на клиентелистички основи, личен интерес, без државна и национална стратегија и единствена определба и визија е како да се зачуваат сопствените фотелји. Всушност, СДСМ не е вистинската власт, туку е приврзок на ДУИ, кој ги диктира политиките на владата и е грубо кажано ГАЗДА во Македонија“. Димитриевски е идеен творец на движењето „За Наше Куманово“, во кое голем број граѓани гледаат светла точка за излез од темното општествено-политичко секојдневие. Открива, дека се раѓа едно ново граѓанско движење или политичка опција со јасна визија, што ќе предизвика внимание и заинтересираност кај граѓаните, а кое ќе резултира со победа на следните парламентарни избори и ќе направи позитивни промени во државата“.

Со Максим Димитриевски разговараме за празнувањето на големиот Илинден, за актуелната политичка состојба, за Францускиот предлог, за неговата визија за Македонија, за вториот мандат на чело на неговото Куманово… Сигурен е дека со чесно и одговорно работење, со многу труд и со сериозен план, Куманово ќе се трансформира во град во кој пристојно ќе се живее.

 Елизабета АРСОСКА

-Во пресрет на големиот празник Илинден, кој во свеста на македонскиот народ асоцира на славното Илинденско востание и на Крушевската Република, Македонците и во 21 век не престанаа да се борат за своите правдини. Според Вас, како годинава го дочекуваме националниот празник?

Да, точна е констатацијата во вашето прашање. За жал, Македонците и во 21 век сè уште се борат за своите правдини. Но, пострашно е што Македонците во 21 век се борат за основното човеково право, правото на припадност на одредена нација и правото на употреба на свој мајчин јазик.
Илинденското востание и формирањето на Крушевската Република се настани од поновата македонска историја кои го потврдуваат вековниот стремеж на македонскиот народ за формирање на своја самостојна и независна држава.
Оваа година, со прифаќањето на Францускиот предлог од актуелната влада, и понудената преговарачка рамка за влез во ЕУ, националниот празник Илинден ќе го пречекаме со едно горко чувство на неправда, со изгубено достоинство, понижени и со неизвесна судбина за натамошниот тек во преговарачкиот процес и нашиот пат кон ЕУ.
За Македонија настапува еден турбулентен период, разединето општество, период во кој ни претстои борба за зачувување на македонскиот идентитет, јазик, историја, култура и заштита на македонските историски настани и личности. Со еден збор, мораме да сториме сѐ за да ги зачуваме македонските национални и државни интереси.

-Традиционално, Илинден ќе се слави и во културно-историски и спортско-рекреативниот центар во кумановското село Пелинце, посветен на Првото заседание на АСНОМ. Ќе бидете ли таму, со Вашите доскорешни сопартијци? Всушност, имате ли контакт со раководството на СДСМ, откако ја донесоа одлуката за Ваше исклучување?

Во неколку наврати досега потенцирав дека правно-формално сè уште сум член на СДСМ. Процесот за моето исклучување од партијата, во согласност со статутот на СДСМ, не е завршен. Мојата определба е социјалдемократска, но политиката на актуелното раководство на СДСМ нема никаква допирна точка со основните вредности на социјалдемократијата. Во СДСМ владее една мала политичка елита, која е базирана на клиентелистички основи, личен интерес, без државна и национална стратегија и единствена определба и визија е како да се зачуваат сопствените фотелји. Всушност, СДСМ не е вистинската власт, туку е приврзок на ДУИ, кој ги диктира политиките на владата и е грубо кажано ГАЗДА во Македонија.
Контактите и комуникацијата, со дел од раководството на СДСМ, се сведени на минимално ниво и неколку министри, но исклучиво за обврски и проекти кои се поврзани со Општина Куманово и се интерес на граѓаните.

Да, и оваа година Општина Куманово ќе има своја делегација во Пелинце во согласност со претходниот добиен протокол од Собранието. На 2 Август нема простор за политика и политиканство, ќе оддадеме достоинствено почит на загинатите комити и партизани за независна Македонија. Како тоа ќе го сторат актуелните носители на функциите од законодавната и извршната власт кои ги изневерија вредностите на кои им се поклонуваат и дали држењето на говори од нивна страна, на овие за нас свети места, е гест на лицемерство, е прашања за нив кое што ќе ги следи цел живот.

-Движењето „За Наше Куманово“ успеа да обедини луѓе од различни провиниенции и со победата на локални избори ја добивте довербата од најголемиот број граѓани. Ја имате и поддршката на граѓаните надвор од општинските граници, но формирањето на партија засега е само ветување. Ќе прерасне ли „За Наше Куманово“ во „За Наша Македонија“?
Здружението на граѓани „За Наше Куманово“ на последните локални избори излезе со своја јасна понуда и програма пред граѓаните на Куманово и убедливо ја доби нивната доверба. Посебно сум горд што во ова здружение се вклучени истакнати личности од Куманово кои доаѓаат од повеќе сектори: професори, наставници, лекари,  уметници, земјоделци, работници, пензионери, ветерани, младинци, стопанственици итн.
Исто така, значајно е да се напомене дека се вклучени сите етнички заедници (Македонци, Албанци, Срби, Роми, Турци, Бошњаци, Власи, Црногорци, Хрвати и др.) кои егзистираат на територијата на Општина Куманово и практично ова здружение е Македонија во мало. Сè повеќе расте и поддршката на граѓаните надвор од општинските граници, што за мене претставува еден вид сатисфакција, но и потврда дека со политиките и проектите коишто ги испорачуваме, сме на вистинскиот пат. Во овој момент, нашиот акцент е ставен на доследно реализирање на ветените проекти во Куманово, но не ја исклучувам можноста за настап на следните парламентарни избори без разлика дали ќе бидат предвремени или редовни. Кај граѓаните во Македонија постои заситеност од двете политички структури кои 30 години управуваат со Македонија и се менуваат на власт. Сигурен сум дека едно ново граѓанско движење или политичка опција со јасна визија ќе предизвика внимание и заинтересираност кај граѓаните, кое ќе резултира со победа на следните парламентарни избори и позитивни промени во државата.

– Очекувате ли дека ќе Ви се придружи дел од разочараното членство на СДСМ, а зошто да не и на ВМРО-ДПМНЕ?

Очекувам да се приклучат сите граѓани, без разлика на нивната партиска и етничка припадност, кои сакаат да видат Европска Македонија со еден нов концепт, концепт на чесно, одговорно и домаќинско работење, со економски просперитет, со зголемен животен стандард, Македонија во која ветените проекти ќе се исполнуваат, Македонија без корупција и криминал, Македонија со одговорни национални и државни политики, Македонија во која главниот збор ќе го имаат граѓаните, а не политичките поединци, Македонија на солидарност и соживот.

-Движењето има силно лоби кај независното граѓанско тело. Како ќе успеете да одолеете на предизвиците и во овие времиња да останете покрај народот, чисти и чесни како што Ве гледаат?

Граѓаните на Куманово имаа можност да се изјаснат на последните локални избори. Довербата што ни ја укажаа за кандидатот за градоначалник, но и довербата на листите за советници на граѓанското здружение „За Наше Куманово“ за мене и за мојот тим претставува дополнителна обврска за докажување и реализација на ветените проекти. Во минатиот 4-годишен мандат финансиски ја стабилизиравме општината, од една од најзадолжените општини ја трансформиравме во финансиски најстабилна општина во државата со сериозни приходи и реализирани проекти како резултат на домаќинско работење. Се надевам дека граѓаните ќе препознаат чесен и искрен пристап и реални политики, и со својот глас на следните парламентарни избори ќе се изборат за еден нов начин на владеење кој ќе е во служба и интерес единствено за граѓаните и просперитет на државата. Комуникацијата со граѓаните мора да биде на високо ниво, како и досега така и понатаму, со лични контакти и средби со граѓаните, заеднички ќе дојдеме до најпрактичните решенија кои се во нивен интерес.

-Имате ли визија како да се справите со корупцијата и непотизмот? Како Ви оди тоа на локално ниво?

Не можеме да разговараме за справување со корупцијата, кога надлежната институција за справување со истата, а тоа е МВР, е високо корумпирана. За тоа се потребни сериозни и крупни реформи во МВР, но и желба да се застане на патот на организираниот криминал и корупција во државата. Основна карактеристика за служба во МВР треба да биде професионалноста, а не партиската припадност и блискоста на службениците со одредени политички функционери. Секако треба да се направат и сериозни реформи и да се донесат нови закони за поефикасно и доследно функционирање на судовите и обвинителството. Податокот дека граѓаните на Македонија имаат само 8% доверба во правосудниот систем е загрижувачки.
Ние сме можеби единствената општина која секоја година, по наше барање, сме подложни на ревизија на нашето работење и досега не се утврдени недостатоци и аномалии, што е јасен показател за нашето чесно и одговорно финансиско работење.

-Остро се спротивставивте на Францускиот предлог, но и на Унилатералната изјава на македонски јазик. Дури организиравте граѓански протест во Куманово. Како мислите дека ќе се одвива политичкото сценарио на пат кон Брисел?
Подолг период, можеби 2-3 години наназад, реагирав, предупредував и јасно во јавноста го кажував мојот став на искажаните бугарски барања од поединци во бугарската влада. За жал, нашето Министерство за надворешни работи, но и целокупната Влада, немаше соодветна реакција.
Недозволиво е граѓаните секојдневно да слушаат невистини и навреди од страна на бугарски претставници, а Македонија, поточно надлежните институции, да молчат. Сето тоа резултираше со Францускиот предлог, којшто е целосно неприфатлив и штетен, и директно задира во македонските национални интереси. Овој предлог претставува невиден преседан во досегашната практика на почеток на преговори со Европската Унија на која било држава. Нашата стратешка цел е влез во ЕУ, но овој предлог во ваква форма не го отвора патот на Македонија кон исполнување на таа цел. Напротив, ја зголемува можноста за долгорочна блокада од страна на Бугарија и претставува опасност за асимилација на македонскиот народ, т.е. бугаризација. Во преговарачката рамка, зборот протокол е заменет со фразата „годишни прегледи и мерки за ефективна имплементација, според членот 12 од Договорот за добрососедство и пријателство со Република Бугарија“, што остава можност Република Бугарија во континуитет да конструира нови барања и постојано да нè блокира. Во протоколот јасно се наведени одредбите и темите кои стануваат дел од преговарачката рамка. А тоа се: говорот на омраза, рехабилитација на жртвите од комунизмот, ревизија на учебниците, промената на написите на спомениците и оспорување на идентитетот на македонските историски личности. Исто така отворањето на Уставот на Македонија и вметнувањето на бугарскиот народ во него е неприфатливо затоа што Р Бугарија не го признава македонскиот јазик и македонскиот народ. Резултатот е следен: Нашата Влада доби меѓувладина конференција за сликање и ПР-стратегија за некаков наводен успех, а граѓаните во Македонија добија големо понижување. Поддржувам секаков вид на протести, но не поддржувам насилство на истите. Протестите се нужни и преку нив се артикулира незадоволството и големиот гнев кај македонскиот народ за големата неправда.

-Остро ја критикувате меѓународната политика, но дали имате и визија како таа би требало да се реализира без притоа да не се создаваат нови рани со македонскиот идентитет, јазикот…


За некои прашања едноставно не се дискутира. Македонскиот јазик и идентитет не смеат да бидат предмет на разговор во каков било договор. Тоа се црвените линии преку кои не може да се помине. ДА за ЕУ, но таму да влеземе достоинствено, со крената глава, како македонски народ со сопствен македонски јазик. Тоа се основните цивилизациски придобивки и темелни вредности на ЕУ.

-Терате втор мандат на чело на Куманово и се чини успевате да ставите ред во градот. Но, Вашите противници имаат безброј забелешки. Ги гледате ли како конструктивна критика или едноставно ги игнорирате?  

Сите добронамерни критики и забелешки кои се аргументирани вреди да се слушнат. Но не можам да прифатам празни критики, кои се засновани на дневен популизам. Секогаш сум отворен за предлози, сугестии и проекти кои се во интерес на граѓаните. Во рамки на Советот на општина Куманово секогаш имаме сериозна дебата и многу одлуки за проекти се донесени со консензус, односно поддржани и од позицијата и од опозицијата во Советот. Ни претстои многу работа и сум голем оптимист дека до крајот на овој градоначалнички мандат ќе успееме Куманово да го претвориме во еден модерен град со сериозна инфраструктура и реализација на ветените проекти, како во руралната така и во урбаната средина.

-Кој Ви е проектот со кој најмногу се гордеете?

За мене секој реализиран проект, без разлика на неговата големина и чинење, претставува едно камче во таканаречениот мозаик Куманово. Секој има своја важност и вредност за граѓаните на Куманово. Имаме реализирано безброј капитални инвестиции и продолжуваме со зголемен интензитет на реализација на нови проекти. Со чесно и одговорно работење, со многу труд и со сериозен план, ќе успееме Куманово да го направиме град во кој пристојно ќе се живее.

Ако веќе мора да издвојам еден најуспешен проект, тоа не се ни новите улици и тротоари, реконструкции на училишта, нови спортски терени и сали, километри подземна инфраструктура, ниту пак најновите кружни текови, туку тоа е проектот за соживот, заемно почитување и вреднување, кој во 2019 година при одбележување на јубилејот пет века Куманово, над 30.000 кумановци, без разлика на својата верска, етничка или политичка припадност, заедно на градскиот плоштад „Нова Југославија“ пееја и празнуваа во еден глас на македонска, албанска и екс ју-музика.