„Земјата на заборавените сказни“ е стара приказна раскажана на нов начин, и како содржина: имаме деца, имаме вештерка, имаме патување во волшебна земја… но на крајот работите излегуваат поинакви од она што навидум се; и како форма: комбинација на нарација со драмски дијалог, па сето тоа со илустрации, од кои дел се „стриповски“. Верувам дека ќе ги заинтригира децата да ја прочитаат, можеби и да се постават делови од неа во училиштата, како претстави…“, вели за весникот ВЕЧЕР писателката Билјана Црвенковска за романот што ја доби овогодишната традиционална награда за литература за деца „Ванчо Николески“, на Друштвото на писателите на Македонија

 

Марија САРЕВСКА-ТОДОРОВСКА

Писателка, сценаристка, преведувачка и уредник, Билјана Црвенковска е во неуморна и непрекината потрага да ги исполни своите високи критериуми за создавање успешни приказни независно од медиумот од кој се инспирира и во кој се изразува. Со неа разговараме за нејзината наградена книга за деца „Земјата на заборавените сказни“, пишувана по идеја на Симон Трпчески и нејзина, но и за книжевноста наменета за деца.

Годишната награда за книга за деца што, традиционално, ја доделува ДПМ, ѝ припадна на Вашата книга „Земјата на заборавените сказни“, за која ќе речете дека е хибрид помеѓу драмски текст и графички роман, помеѓу бајка и модерна фантастична приказна. Дали значи тоа дека успевате да ја испишете совршената формула што успешно ќе допре до децата и младите за да ја чувствуваат книгата за блиска и инспиративна во секојдневието што го живеат?

„Земјата на заборавените сказни“ е стара приказна раскажана на нов начин. На нов начин – и како содржина: имаме деца, имаме вештерка, имаме патување во волшебна земја… но на крајот работите излегуваат поинакви од она што навидум се; и како форма: комбинација на нарација со драмски дијалог, па сето тоа со илустрации, од кои дел се „стриповски“. Не знам дали се работи за совршена формула, но, секако, е нешто ново и верувам дека ќе ги заинтригира децата да ја прочитаат, можеби и да се постават делови од неа во училиштата, како претстави… Децата во Македонија немаат можност да читаат и да гледаат доволно драмски текстови од домашни автори и се надевам дека ќе им биде интересна и ќе им го задржи вниманието.

Во време кога секојдневието и на возрасните и на децата функционира неразделно од технологијата и сите оние технолошки новитети што ја олеснуваат трката со брзото темпо на живот, Вие успевате да покажете дека, сепак, е можно детето (па и возрасниот) да го запре за миг времето и не да се загуби, туку да тргне на патување низ бескрајните можности на фантазијата, каде што и ќе ги најде вистинските решенија за дилемите што ги има во реалниот живот. Имате ли и Вие Ваше место, каде што детето во Вас сѐ уште го одржувате живо, разиграно и љубопитно?

Мојата куќа во Коњско, во близината на Охрид, е место на бесконечна инспирација. Секогаш гледам да избегам таму налето и да се тргнам од сѐ за да можам да пишувам и за да работам непречено. Вториот начин за бегство се патувањата, не знам што би правела без нив. Обожавам да патувам и да среќавам различни луѓе и да се инспирирам од нив. Иако во последно време повеќето патувања се дел од мојата работа (или како автор или како издавач), за мене и тоа е доволно.

Кои се денешните „сказни“ што се непресушна инспирација за Вашето творештво, за разбивањето на монотонијата на секојдневниот живот?

Ги наоѓам модерните сказни на многу места. Следам сѐ што им е интересно на децата и на младите, затоа што тие работи сѐ уште ми се интересни и мене. Читам многу книги за деца и за млади од сите краишта на светот, стрипови, графички романи и манга, гледам цртани филмови, серии како „Stranger Things“, „Sex Education“ и сл. Понекогаш играм и видеоигри, обично во текот на летниот или на зимскиот распуст. Сите тие се толку имагинативни и може бескрајно да инспирираат, особено што еден писател не смее да се ограничи само на медиумот во кој најмногу твори, туку мора да биде во тек со сѐ.

Независно дали пишувате книги за деца, романи за возрасни, сценарија за филм, се занимавате со издаваштво, Вие постојано истражувате, секогаш во чекор со она што се случува сега и овде, истовремено повлечени од вревата и бучавата, некаде таму. Дали тајната на Вашиот успех е во тајната за совршената рамнотежа?

Тајната на успехот, а под успех подразбирам да се најде време и за пишување за себе, и за пишување за други, и за уредување, читање, друга издавачка (и, за жал, и административна) работа, маркетинг, посета на меѓународни саеми и развој на концептите поврзани со кафе-книжарницата „Чудна шума“, на која, исто така, морам да ѝ се посветам, е во совршената организација на времето, ха, ха. И во рамнотежата, но, пред сѐ, во тоа да си го организираш времето и да не дозволиш да ти „отиде“ за бесмислени работи. Тоа не значи дека постојано ќе работиш од утро до мрак, секако дека мораш да имаш време за себе, но мораш да бидеш многу внимателен како ќе го потрошиш времето. И едноставно, некои помалку важни работи ќе мора да почекаат. „Како постигнуваш сѐ?“ е прашањето што многу често го слушам. Ете така, совршено се организирам и жртвувам некои активности, средби и излегувања и, еве, ова е шанса да им се извинам на некои драги пријатели и на моето семејство што, можеби, немам доволно време за гледање и дружење, на моите колеги писатели, музичари и уметници што немам време да отидам на сите промоции и изложби и концерти (а ги има многу) и се надевам дека еден ден ќе има доволно пари за култура и за уметност да можеме да вработиме повеќе луѓе и со самото тоа да имаме и повеќе време за дружење.

Што е следно од Вашата креативна работилница?

Функционирам така што работам на повеќе нешта истовремено, во различни фази на пишување, се разбира. Додека пишувам една работа, веќе развивам концепт за нова и постојано е динамично. Мислам дека тоа ме одржува постојано будна и никогаш не се случува да немам инспирација или да доживеам блокада. До крајот на годинава треба да излезе мојата најнова книга за деца – „Приказни од Sунливото Море“, наменета за децата на возраст од 7 до 11 години. Работам на мојот трет роман веќе долго време, но, искрено, сѐ уште не сум сигурна кога ќе го завршам. Исто така, веќе подолго време подготвувам една збирка кратка проза во комбинација со лирски моменти, па се надевам дека барем една од овие книги ќе биде завршена до пролет. Дополнително, со хрватската илустраторка Хана Тинтор работам на заедничка сликовница.

Колку придвижувањата во однос на темите, како и трендот писатели што не пишувале за деца да прибегнат, макар и како „излет“, во детската литература, носи нови ветришта и подлабоко закотвување на нејзината иднина во творештвото воопшто?

Секогаш сум оптимист и верувам дека со многу работа и со посветеност ќе успееме да создадеме книжевни дела за деца и за млади што ќе бидат на ниво со светските трендови и ќе може да се мерат со други дела од Европа и пошироко. Сепак, сметам дека сите – и авторите, и илустраторите и издавачите треба да работат многу за да се случи тоа. Сѐ уште правиме многу компромиси и сметам дека мораме да ги качуваме критериумите, иако сѐ уште се фаќам и себеси како ги спуштам наместо да ги качувам. Убаво е да има продукција на книги за деца и за млади, но некако влеговме од речиси никаква продукција во еден одреден период, во хиперпродукција во последниве неколку години. И сега повторно издаваме многу книги со кои, веројатно, никој не е сосема задоволен, но од одредени причини се ставаме во ситуација да ги продуцираме и да ги нудиме на пазарот. И сето тоа ми е јасно затоа што се работи за фази: се менуваме, растеме, експериментираме, сакаме да имаме повеќе и подобро, но сега сметам дека сме во фаза кога треба да се вратиме чекор-два наназад и да поставиме повисоки критериуми за она што ќе се издава од домашните автори. Да, треба да им се даде ветер во крилјата на младите автори и да се охрабрат да творат, но за сѐ друго критериумите мораат да се качуваат. И тука е клучна улогата на уредниците и на издавачите, кои треба да настојуваат да го извлечат максимумот од авторите и да истражат нови модели со кои книжевноста за деца и за млади во Македонија ќе се издигне на повисоко ниво и ќе конкурира за меѓународни признанија.

Од идеја, преку книга, до музичка претстава

Книгата „Во земјата на заборавените сказни“ е, всушност, писмена реализација на првичната идеја за проект инициран од нашиот реномиран пијанист Симон Трпчевски, преточен во успешна соработка со писателката Билјана Црвенковска.

„Во мај 2020 годуна, Трпчески ми напиша порака дека би сакал да работиме заедно на проект за деца, претстава што би вклучувала класична музика, но и би имала некоја подлабока, поучна порака. Ми напиша дека би сакал да остави такво нешто како подарок за своите деца, но и за сите деца. Идејата за музиката беше да биде комбинација на двата циклуса на Чајковски ‘Детски албум’ и ‘Годишни времиња’, а првичната идеја што му се вртеше во глава беше приказна за деца што одат на гости кај баба си на село, во шума, во природа, подалеку од Интернетот и од мобилните телефони. Заеднички заклучивме дека би сакале да имаме приказна што ќе биде волшебна, бајка како од времето кога бевме ние деца. Но, таа ќе пренесува и некои важни пораки и ќе тежнее да ги промовира вистинските вредности: читањето и интересот за откривање нови нешта, почитта кон постарите, грижата за природата и за живиот свет…“, објаснува Црвенковска. И така почнува сѐ. Таа почнува да го гради костурот на приказната слушајќи ја музиката на Чајковски, едно лето, во својата куќа во Коњско, во близина на Охрид, место каде што се напишани многу од нејзините книги за деца и за возрасни. Таа уште на самиот почеток одлучува приказната да се случува во Бабино.

„Првенствено, убавината на демирхисарскиот крај, неговата речиси недопрена природа, место во кое сѐ уште живеат приказните за самовилите, ваперите и за другите натприродни суштества и сѐ уште се раскажуваат околу огновите во доцните часови. Во овој крај се родени и многу наши поети, писатели и уметници, а во непосредна близина на Бабино, во селото Слоештица, е роден Петре М. Андреевски, па идејата ми беше на тој начин да се направи и мал омаж кон неговото дело. Сакав приказната да потсетува и на некои од моите омилени приказни од детството, каде што главните протагонисти Илина, Мартина и Мирон ќе бидат ‘пренесени’ во некој друг, магичен свет на необичен начин. Од ‘Детскиот албум’ на Чајковски дојде и првичната идеја за Баба Јага. Знаев дека ‘негативецот’ или ‘лошата вештерка’ во оваа наша приказна ќе биде Баба Јага, но потоа си реков, а што ако се вратиме кон првичната функција на овој многу интересен лик од словенскиот фолклор кога таа не е вештерка, туку е нешто сосема друго, симбол на женскиот принцип, на циклусот на животот, на раѓањето, смртта и повторното раѓање на природата и нејзина заштитничка…

Kако што се надева Билјана, следната година публиката ќе има можност, конечно, да го види ова дело поставено на сцена, со музичка илустрација.

„Сепак, ова е посебна тема и верувам дека ќе имаме можност да зборуваме повеќе во иднина. Во подоцнежната фаза, излезе и верзијата на текстот за публикација – и иако доста се разликуваат, и двете верзии ми се еднакво драги“, вели таа.

Фото:Кире Галевски