Имињата на 14 загинати во пожарот во тетовската болница, нема да бидат објавени

126

Имињата на лицата кои минатата недела настрадаа во пожарот во тетовската модуларна болница, нема да бидат јавно објавени. Иако после секоја голема несреќа институциите ги објавуваат имињата на жртвите кои загинале, во овој случај, јавноста нема да ги слушне имињата и презимињата на луѓето кои не успеаа да избегаат од огнот, бидејќи биле пациенти.

Од Владата за „Фокус“ објаснуваат дека нивниот идентитет е заштитен со закон.

„Во случајот со трагичната несреќа во Тетово станува збор за пациенти и нивната приватност и идентитет се заштитени согласно закон. Дополнително случајот е под истрага на Обвинителството. Институтот за судска медицина целокупната документација ја предаде на истражните органи, велат од Владата.

Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во гостување на Телевизија 24, го отвори прашањето зошто и по една недела не се објавуваат имињата на жртвите во пожарот.

Во земјава веќе пристигнаа германските експерти кои треба да ги откријат причините за пожарот, а предмет за модуларната болница отвори и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.