Израелските медиуми тврдат дека лидерот на Хезболах е ранет во нападот во Бејрут

55

Израелските медиуми објавија дека официјалната проценка на властите покажува дека Хасан Насрала, лидерот на либанската група Хезболах, е ранет во воздушен напад на јужната периферија на Бејрут, пренесува Anadolu.

„Проценките на официјалните власти во Израел покажуваат дека Насралах е ранет во напад врз седиштето на Хезболах во јужните предградија на Бејрут“, објави израелскиот „Канал 12“.

Се додава дека Израел верува дека Насралах бил на локацијата која била цел на нападот и дека „секој што бил таму тешко ќе излезе жив“.

Истиот извор наведува дека Израел го подигнал нивото на готовност во сите амбасади ширум светот по последните напади во Бејрут.

Израелската војска вечерва објави дека извршила воздушен напад врз, како што тврди, штабот на Хезболах во регионот Дахиех јужно од Бејрут.

Израелските медиуми објавија дека цел бил и генералниот секретар на Хезболах Хасан Насрала.

Најмалку две лица загинаа, а 76 се повредени во последните израелски напади врз Бејрут, се наведува во соопштението на либанското Министерство за здравство.

Како што јави либанската новинска агенција NNA, квартот Хурејк во регионот Дахие, јужно од Бејрут, бил цел на воздушни напади, додавајќи дека израелските воени авиони бомбардирале многу објекти во тој регион.

Беше посочено дека во нападите биле уништени шест згради.

Израелската армија, која од 8 октомври минатата година ги продолжува контролираните судири со Хезболах, од 23 септември извршила стотици воздушни напади врз градовите на југот на Либан, како и врз регионите Бека и Баалбек.

Според либанските власти, 775 луѓе загинале во воздушните напади, додека речиси 150.000 биле раселени поради бомбардирањето.