Изложба за лебдечкиот свет UKIYOE: Јапонската графика на дрворези од 17 и 18 век во Велес

94

Вкупно 28 принтови од цртежи од најпознатите јапонски мајстори за дрворези од 17 и 18 век, се претставени на изложбата поставена во ликовниот салон во Велес во рамките на изложбата “Јапонски лебдечки свет UKIYOE”.

Промоторот на изложбата Анита Василкова-Мидоска, директор на велешкиот Народен музеј, посочи дека настанот организиран од Музејот на град Скопје во соработка со Јапонската амбасада во Скопје, е концепциско дело на кураторот Јасмина Намичева. Таа преку проектот „Мусеум Линк“ во што се вмрежени 27 институции од културата ја претставува оваа патувачка изложба низ земјава носејќи го во себе духот на времето и стремежот уметноста во своја космополитска компонента да допре до поголемата публика.

“Овие дела се омаж на убавината на месечината, црешовите дрвја и јаворовиот лист, потоа птиците, цвеќињата и идиличните пејсажи. Делата го отсликуваат креативниот дух на натпреварот за превласт меѓу трговската класа и самураите во сферата на елеганцијата и рафинираниот вкус.Овој жанр не запира само во претставувањето на убавината на природата, напротив тој пред нас го носи богатиот свет на кабуки театарот, сензуалноста и рафинираноста на куртизаните и жените кои под раскошните облеки кријат здраво и силно тело исполнето со визуелни тактилни и софистицирани импресии, односно жена која зрачи живот и енергија, појасни Василкова- Мидоска.

Според техниката на изведбата на графиките, односно печатењето на дебели слоеви боја врз хартија, овие цртежи биле нарекувани „нисхики“ или „брокатни слики“, бидејќи наликувале на најквалитетната брокатна свила.

“Тие го менуваат и правецот на уметноста и ги создаваат основите на современата уметност, на уметноста што ја имаме и денеска”, додава Василкова-Мидоска.

На оваа изложба се претставени најзначајните мајстори на укиоје техниката кои пред посетителите го претставуваат светот на граѓанскиот сталеж, светот на уметноста и светот на природата околу нас, како: Утамаро Китагава, Кијонара Тории, Кунисада Утагава, Утагава Тојохиро, Чоенсаи Еишин, Кубо Шунман и др.