„Градот“ на Илија Пенушлиски: Новите технологии во уметноста секогаш нудат нешто различно

407

„За одушевување е што еден возрасен уметник работи на нова техника и користи нова технологија. Импресионираат луѓе што целиот свој живот учат. Сите дела на Илија Пенушлиски (72) се дигитални графики, техника која е модерна и претежно работена од значително помлади уметници“, велат од галеријата Акантус во Скопје каде до 26 јуни ќе бидат изложени делата од најновиот опус на овој еминентен македонски уметник во рамките на изложбата наречена “Градот“

„Никогаш не сум бил вљубеник во големи изложби и чести излагања. Секогаш ми се чинело дека за да направиш изложба треба да имаш повод, а тоа значи да се случил некое сериозно поместување во творештвото. Се друго е додворување и желба да се биде присутен на пазарот, да се споменува и повторува името на уметникот, што малку е и чаламџиски“, вели еминентниот македонски уметник Илија Пенушлиски (73) чии дела, дигитални графики за првпат можат да се видат во скопската галерија Акантус до 26 јуни во рамките на изложбата насловена „Градот“ (The town).

Пенушлиски и во својот нов опус, како впрочем и досега, слика градови, “измислени“. Но секој во делата може да препознае мост, река, објект од некој град… иако тој додава дека ниту еден од тие градови на неговите слики не постои.

„Градот може да биде најубав пејзаж. Кога ќе се заљубиш во еден град, срцето ти се кине кога ќе треба да заминеш. А градот може да биде и суров…“, вели Пенушлиски, роден скопјанец кој додава дека и Скопје кое го сакал не го препознава повеќе.

„Што сака човек од еден град? Не се тоа само луѓе, тоа е еден меланж од настани и сопствените спомени. Скопје имаше шарм, дух… Денес единствено името ми се допаѓа, ми ѕвони во ушите… Кога посетувам градови гледам кровови, улици ќошиња. Повеќе ме интересира просторот во реалноста, отколку просторот во сликите. Сум потрошил повеќе време на идеите за град како простор, кој има право да се надградува сам, а Скопје ја испушти шансата да се надградува сам“, со носталгија вели Пенушлиски.

„Градот поседува моќ да те зграпчи, да те направи вљубеник, да те зароби или пак да те фрли во очај“, посочува Пенушлиски во каталогот на својата изложба на која се претставени 39 дигитални графики.

А од галеријата Акантус, пак, велат, “За одушевување е што еден возрасен уметник работи на нова техника и користи нова технологија. Импресионираат луѓе што целиот свој живот учат. Сите дела на Илија Пенушлиски се дигитални графики, техника која е модерна и претежно работена од значително помлади уметници“.

Пенушлиски кој главно досега сликаше во техника акрил на платно, во однос на новата техника која ја користи, вели дека не се работи за љубопитност да се истражува, туку дека секоја нова технологија отвора простор човек да се обиде да види што ќе му понуди различно од она што претходно го знаел.

“Ако го повторуваме само она што го знаеме, ќе останевме на тркалото, немаше да одиме понатаму. Паметно е да се проба нешто што не го знаеш, па макар и резултатот да биде лош. Она што најмногу ме поттикна да ја користам оваа техника, иако тоа не е технологија од мојата младост, е што нуди бројни можности. Зашто да не се искористи нешто што таа технологија го нуди, а друга не го нуди. Од друга страна оваа технологија дава можност да си го фотографирате делото, без разлика во која техника е, и потоа да го отпечатите како графика. Што пак, во мојот список на термини се вика репродукција. Значи графика со оваа нова техника не треба да се разбере како можност да се умножи сопственото дело, туку да се направи нешто што во ниту една друга техника не може да го направите. Не треба и да се потпадне под тоа евтиното, а јас сум  прилично задоволен од она што го постигнав“, вели уметникот.

Тој додава и дека новата техника за него е и полесна, но и поопасна, бидејќи нуди толку многу можности што „човек може да се изгуби и лесно може да потпадне под привлечноста на евтините ефекти што ги нуди технологијата, а тоа не смее да се дозволи. Различно е и интересно. Кога ќе земеш перце и хартија тоа е еднаш за секогаш, понекогаш се случува се да оди перфектно и на крај, со едно шкртнување сè да се упропасти. Тука се нуди можност тоа да го вратите назад“, вели Пенушлиски и додава „Немам намера да престанам да стојам пред платното, но не знам каде ќе ме поведе патот…“ (Д.Т.)