Оваа сабота, на 23 ноември, во „Аудио-култура“ голем настан!
Иван Кукиќ, добро познатиот македонски музичар, по потекло од Струмица, но и уште познат и како син на популарната музичко-брачната двојка Ленче и Горан Кукиќ, во Скопје, ќе го промовира пред поканетите новинари својот долго очекуван деби-албум, насловен како „Sunday Vibes“. Меѓу гостите секако дека ќе бидат и мама и тато, нашите омилени (фолк)пејачи, неговите родители Горан и Ленче. Тие спонтано, грижно и разбирливо му се радуваат на гала-настанот и дружењето со луѓето кои ги почитуваат, од светот на музиката, и новинарството.
А, интересниот музички настан ќе се случи в сабота, на 23 ноември, во просторот на „Аудио-култура“ од 13 часот. За промоцијата, Кукиќ, всушност, најавува акустичен концерт со своите најблиски соработници.
–
Албумот го издава „Кроација-рекордс“ и има десет песни, од кои две се веќе промовирани како синглови: „Балада за една љубов“ и „Друмови“. Иван е автор на најголемиот дел од материјалот на албумот, на кој има и интересни соработки. Едната песна е отпеана со живата легенда Дадо Топиќ, а му гостуваат и Влатко Стефановски, бугарскиот кавалџија Теодосиј Спасов, групата „Јупитер“, грчкиот блуз и рок-гитарист Сакис Доволис. Синглот „Балкан-фанк“ е снимен со Џамбо Агушев и Јан Стефановски.
Сепак талентираниот Иван Кукиќ на јавноста ѝ е најпознат како басист во Триото на Влатко Стефановски. Пред една година дипломираше музичка продукција и дизајн на звук, во Белград, Србија. Иван одлично свири гитара, тапани, пијано, контрабас и народни инструменти, а исто така компонира, аранжира и пее. Д.М.