Зи-Зу има три услови за Челзи

67

На почетокот од сезоната, играчите на Челзи го играа можеби најубавиот фудбал во Англија. Фановите уживаа во тимот предводен од италијанскиот стручњак Маурицио Сари. Убав, атрактивен фудбал, полн со комбинаторика, прекрсни потези и многу погодоци. Голем беше бројот на тие кои тврдеа дека Челзи е прв фаворит за шампионската титула и дека Сити и Ливерпул ќе водат битка за втората позиција.

Тие денови, поранешниот тренер на Наполи на “Стемфорд Бриџ” имаше статус на гение, визионер кој успеа да воспостави ред во клупската соблекувална. Првата виолина, Еден Азар, играше фантастично и повеќе не збореше дека сака својата кариера да ја продолжи во редовите на Реал (М).

Неколку месеци подоцна, сведоци сме на сосема поинаква ситуација. Челзи игра очајно, редовно губи бодови, а во последните две недели дојде и до кулминација на кризата. Но последните две гостувања, лондонските “сини” беа буквално понижени. Бурнемаут славеше со 4:0, а Манчестер Сити со рекордни 6:0. Азар се врати на старите навики, постојано се жали, го напаѓа тренерот и повторува дека сака својата кариера да ја продолжи на “Сантијаго Бернабеу”.

По поразот од Бурнемаут, Сари ги заклучи играчите во соблекувалната и со висок тон им соопшти дека таквата игра е неприфатлива за тим кој се вика Челзи. Потоа, на прес-конференцијата, Италијанецот изјави дека не е во состојба да ги мотивира своите играчи. Две недели подоцна, “сините” беа понижени на “Итихат”, а Сари не сакаше да се поздрави со менаџерот на “граѓаните”, Пеп Гвардиола.

Дека екипата го саботира се виде и на 1/8 финалниот дуел од англискиот ФА куп, кој заврши со заслужен триумф на Манчестер Јунајтед од 2:0. Англиските медиуми се убедени дека сопственикот на Челзи, Роман Абрамович веќе ја има потишано “смртната казна” за Сари.

Истите тие медиуми пишуваат дека менаџерското столче ќе биде пополнето од трофејниот француски стручњак Зинедин Зидан. Претставниците на двете страни веќе седнале на преговарачката маса, но Зи-Зу поставил три услови за да се пресели во Лондон.

Првиот, кој е главен услов, е задржувањето на Еден Азар. Белгискиот интернационалец никогаш не криел дека е голем фан на Зидан и најверојатно ќе остане во Лондон доколку Французинот седне во менаџерското столче.

Вториот услов е клубот да обезбеди буџет од 200 мил. фунти кои ќе бидат искористени за време на летниот преоден рок, а последниот услов е Зидан да има целосна автономија во соблекувалната и околу трансфер политиката на клубот. Французинот тоа го сака затоа што додека беше тренер на Реал (М), последниот збор секогаш го имал првиот човек на “кралскиот клуб”, Флорентино Перез.