Доколку до четврток не се решат проблемите на приватните превозници, в петок Скопје ќе се соочи со уште посериозен и поголем сообраќаен хаос.
Директорот на „Слобода превоз“, Ленин Стојановски најави дека тогаш Скопје ќе биде блокирано со сите 200 автобуси на повеќе сообраќајници сè до конечно решавање на проблемот. Кои сообраќајници ќе бидат блокирани сеуште не се знае. Се очекува приватните превозници дополнително да се состанат и да се договрат.
Во меѓувреме, протестот е ставен во мирување заради доаѓањето на високата делегација од Германија на чело со претседателот, а приватните превозници се обидуваат да изнајдат решение преку институциите.
– Ги замолив превозниците да покажат со гест дека не сакаат да го нарушат угледот на државата и да не ги отежнат безбедносните протоколи, да се повлечат од блокадите во период на присуство на делегацијата односно до четврток, а доколку до тогаш не се постигне некаков договор со Градот Скопје и ЈСП на улица ќе излезат повторно во петок – изјави директорот на „Слобода превоз“, Ленин Јовановски додавајќи дека иако правото на протест не билое спорно дури и во вакви околности, сепак покажале свест и одговорен однос кон она што е државен интерес.
Ова следуваше откако не се најде решение ниту по седницата на Советот на Град Скопје, кога градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска и директорот на ЈСП, Александар Стојковски изрично тврдеа дека на приватните превозници им е исплатено се и дека правдата можат да ја бараат на суд.
– Приватните превозници покажаа единство и сериозност во намерите да ја истераат правдата на виделина и да го свртат вниманието на целата јавност за проблемот со кој се соочуваат. По седницата на Советот на Град Скопје на која присуствуваме видовме дека и на сите советници им е повеќе од јасно дека неспособноста на градоначалничката и менаџментот на ЈСП се оние кои доведуваат до ваквите состојби – истакна Јовановски.
(А.П.)